Венецијанската комисија на Советот на Европа даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители

-Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки, соопштија од Министерството за правда

од Nikola Popovski
44 прегледи

Денес, во Венеција, се одржа 114-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку право – Венецијанска комисија при Советот на Европа, на која беше усвоено Заедничкото мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. Според Министерството за правда, во усвоеното мислење, Комисијата даде позитивна оцена за процесот и содржината на изработените закони, поздравени се реформските напори на Министерството за правда.

-Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки. Дадени се и неколку дополнителни сугестии во насока на подобрување на законските текстови. Со ова, се потврдува дека законите се целосно усогласени со европските принципи за професионалност и ефикасност на јавното обвинителство, како и со стандардите за транспарентно и одговорно функционирање на Советот на јавните обвинители, велат од МП.

На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, свое обраќање имаше Александра Деаноска Трендафилова, како претседател на Работната група која ги подготви двата закона. 

-Министерството за правда ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија. 

Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба, на транспарентниот и инклузивен пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството и на заложбата за градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет. 

Двата закона се дел од Реформската агенда на Европската унија со рок до декември 2025 година, се истакнува во соопштението од ресорот Правда.

Слични содржини