Мемов за Герасимовски: Тој што треба да ги спречи и руши дивоградбите, сега е директен креатор и потенцијален извршител на истото

Мемов тврди дека ги „разоткриле лагите и манипулациите на градоначалникот на Центар“

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Фејсбук

Движењето ЗНАМ соопшти дека разоткрива, како што велат, уште една манипулација на актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, за кој, како што велат, се обиде да продаде лажна приказна за „уредување“ и „подобрување на условите“ во населбата Крњево.

-Тој вчера изјави дека целосно ја расчистиле дивата депонија и дека на ова место ќе никне детско и спортско игралиште, зеленило и урбана опрема. Но, фактите покажуваат сосема поинаква слика: локацијата која според Генералниот урбанистички план (ГУП) е локација предвидена за изградба на булевар „Крушевска Република“, а според Деталниот урбанистички план (ДУП), оваа зона е предвидена за сообраќајна инфраструктура, а не за урбана опрема и игралишта. Активностите се изведуваат без транспарентност, што го крши законот и урбанистичките норми, рече портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

Тоа што го гледаме денес, додава тој, не е пример за грижа кон жителите, туку пример за самоволие, злоупотреба, дивеење и грубо прекршување на правилата, потенцијално кривично дело.

-Тој што треба да ги спречи и руши дивоградбите, за кои алармиравме повеќе пати, сега е директен креатор и потенцијален извршител на истото. Затоа оттука поставуваме директни прашања до актуелниот градоначалник Герасимовски:

1. Зошто најавивте градежни активности на оваа локација, дали за истото има проект и обезбедена градежна дозвола? 2. Зошто го лажете населението тврдејќи дека ќе се гради детско и спортско игралиште, кога според плановите тука треба да има сообраќајна инфраструктура? 3. Кои механизми на транспарентност и јавна отчетност сте ги примениле пред да започнете со градежните активности? 4. Дали граѓаните треба да веруваат на вашиот PR, или на документите и плановите кои јасно го покажуваат незаконското постапување? Тоа што го гледаме денес не е пример за грижа кон жителите, туку пример за самоволие, злоупотреба и грубо прекршување на сите урбанистички норми, истакна портпаролот на ЗНАМ.

Според ЗНАМ, ова е класична слика за начинот на владеење на актуелниот градоначалник – со лаги, со манипулации и со обиди да се прикажат нелегални активности како „добри дела“.