„Куферчиња“, „издрогирани доктори“, закани…Изборната кампања влегува во фото-финиш, до каде можат да одат „оцрнувањата“?

„Не се бираат зборови за да се омаловажи противникот, па така партиите создаваат одвратна и гнасна политичка предизборна атмосфера“: Дали самите политичари ќе ги одвратат гласачите да излезат во недела?

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Фејсбук

Кандидатите за градоначалници и советници од владејачките партии кои учествуваат на локалните избори ја продолжуваат кампањата која влегува во последната недела. На терен со митинзи и средби со граѓаните. Во трка за доверба на граѓаните ги презентираат предизборните програми, ја претставуваат својата визија и очекувања за подобри локални самоуправи.

Слушнавме доста омаловажувања за противниците, „куферчиња“, „издрогирани доктори“, закани… Во јавноста постои дилема дали можеме да очекуваме полошо и дали ќе го „пробиеме дното“ на овие избори во однос на црната кампања. За дел од аналитичарите, во овие триесет и пет години на повеќе партиска демократија, македонскиот политички фолклор во предизборието бил благо кажано мизерен, односно сме слушале навредувања, омаловажувања, понижувања од главните политички опоненти. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, како одминуваат децениите и изборните циклуси, наместо да се учиме на политичка култура, ние се повеќе назадуваме, односно го допираме дното, и одиме под него.

-Не се бираат ни зборови, ни термини, за да се омаловажи политичкиот противник, па така политичките елити создаваат една одвратна и гнасна политичка предизборна атмосфера, во која на нормалниот, воспитан и цивилизиран граѓанин му се гади и затоа се одвраќа од учество во изборниот процес и на денот на изборите. Остануваат само клиентилизираните и партиски активисти да им одат на митинзите и да ги слушаат нивните примитивни и грозни реторики, вели Атанасоски за „Локално“.

Благојче Атанасоски/Фото: Принтскрин

Во однос на тоа колку овие пет преостанати дена се клучни за мобилизација на граѓаните и дали се очекуваат нови скандали, соговорникот истакнува дека нема значително да ја сменат сликата.

-Апсолутно се одредени контурите на тие што ќе излезат да гласаат и за кого. Тие што решиле да не излезат, апсолутно нема нешто што ќе ги натера да се предомислат. Напротив, некои кои решиле да гласаат, може да се предомислат и да не излезат да гласаат, истакнува аналитичарот.

Се поставува прашањето зошто главни ѕвезди на овие избори се лидерите на партиите наместо самите кандидати за градоначалници. За Атанасоски тоа е така, затоа што, како што вели, „во Македонија постои мачоистичка, авторитарна, примордијална (читај простачка) „култура“ на лидерски султан партии, каде што лидерите се главни „ѕвезди“ и вождови, додека сите други се нивни верни и поданици и „измеќари“ макар станувало збор за највисоки кандидати за градоначалници или друг тип на функционери“.

Генерално по сето она што го видовме од кандидатите, на прашањето колкава излезност се очекува на овие избори, аналитичарот посочува дека се надеваме дека ќе има над 50% на ниво на цела Македонија.

-Се под тоа го поставува прашањето и за легитимитетот на избраните градоначалници и советници и покрај тоа што легалитетот утврдува 1/3 од запишаните гласачи со право на глас во секоја Општина. Сепак во европска држава, која е членка на НАТО и вели дека заслужува да биде членка на ЕУ е срамота да имате избрани функционери со легитимитет помал од половината запишани избирачи со право на глас од вкупниот електорат, потенцира Атанасоски.

Под мотото „Се бориме за нашиот дом“, СДСМ денеска ќе одржи собири во Зрновце, Чешиново- Облешево, Виница и Кочани. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе биде во Росоман, Градско, Чашка, Лозово и Велес. Ќе ги претстават кандидатите за градоначалници и советничките листи. Со предизборниот карван продолжуваат и Левица и ЗНАМ, како и Националната алијанса за интеграција и ВЛЕН.

На терен и независните кандидати. Молкот почнува в петок на 17-ти октомври на полноќ, гласањето за локалните избори ќе биде на 19-ти октомври.

Н.П.