По случајот со „мешањето бело“ на Кузмановски, Алиу посакува токсиколошки анализи во систематските прегледи на лекарите

Ова следува во период кога се менуваат 12 закони за здравствена заштита

од Nikola Popovski
17 прегледи

По случајот со директорот на Универзитетска Клиника за неврологија, Игор Кузмановски кој се појави во видео во кое се гледа како меша прашкаста материја во чинија и зборува за кокаин, министерот за здравство, Азир Алиу посакува да има проверки односно токсиколошки анализи во редовните систематски прегледи на лекарите.

Ова следува во период кога се менуваат 12 закони за здравствена заштита.

-Да бидам искрен, правно не знам дали може да се дефинира. Јас како министер би сакал да има таков член во законот, но во кој закон и дали може да се формулира, не можам со сигурност да кажам. Би сакал да имаме уште една институција која ќе го проверува и тој момент, освен стручноста, кажа Алиу на денешната прес-конференција.

Алиу рече дека е известен дека д-р Кузмановски немал лиценца, односно била истечена, но со оглед на тоа дека Лекарската комора ги издава тие лиценци, ќе чекаат одлука од нив.

Кузмановски на социјалните мрежи напиша: „Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се случи далеку пред моето преземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример“.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, ја поддржаа одлуката на Алиу и ги повикаа институциите да постапат согласно законот и утврдените процедури.