Јонуз: Главни ѕвезди во кампањата се лидерите на партиите наместо самите кандидати за градоначалници затоа што догодина се очекуваат предвремени парламентарни избори

Аналитичарот Јонуз за „Локално“ за „црната“ изборна кампања: Сите се свесни дека претераа со популизми, криминализми и со реторика која нема врска со локални избори

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Како се наближува денот на гласањето за прв човек во општините и за советници, се интензивираат изборните активности. Реториката сè пожестока. Меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата продолжуваат. На политичкиот терен тоа што за некого е „црна кампања“, за друг претставува обврска „нештата да се кажат со вистинските зборови“. Иако за дел од аналитичарите кампањата веќе и речиси е завршена, „дното може и понатаму да се пробие“.

Според Агим Јонуз,  не смее сите оружја да се потрошат затоа што после ова допрва ќе мора да има теми за дискусија.

-Кампањата веќе е завршена. Таа се регулира во рамките на што е предвидена програма и тука ќе се афирмира до крајот. Сите се свесни дека претераа со популизми, криминализми и со реторика која нема врска со локални избори. Ова всушност се избори од комунален карактер, а не од политички. Навикнати сме на реторика која цело време е во форма на една негативна кампања и фрлање камења едни кон други. Ова не е изненадување ниту ќе престане или ќе продолжи туку само ќе биде континуитет, истакнува Јонуз во изјава за „Локално“ во однос на досегашната изборна кампања и што може да се очекува во останатите денови до недела.

Според него, нема клучност во наредните денови. Тврди дека нештата се дефинирани.

-Можеби некаде кај партиите од албанскиот блок ќе се види кој на што ќе му вети и комбинаторики. Инаку се знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе растури на овие избори, дециден е соговорникот.

Околу фактот дека главни ѕвезди на овие избори се лидерите на партиите наместо самите кандидати за градоначалници, според Јонуз, тоа е затоа што сите се подготвуваат за избори догодина. Аналитичарот исто така наведува дека не очекува голема излезност на избирачките места.

„Локално“ веќе пишуваше на темата за омаловажувања за противниците во екот на кампањата и за т.н. „куферчиња“, „издрогирани доктори“, закани…За дел од јавноста како одминуваат децениите и изборните циклуси, наместо да се учиме на политичка култура, ние се повеќе назадуваме, односно го допираме дното, и одиме под него.

„Куферчиња“, „издрогирани доктори“, закани…Изборната кампања влегува во фото-финиш, до каде можат да одат „оцрнувањата“?

Кампањата за локалните избори ќе заврши на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг на гласање е закажан за 2 ноември.

Н.П.

Слични содржини