Исчистена депонијата под Кале

„Денеска се чисти просторот под Кале, добро познатиот полигон, каде што се сочуваме со огромна депонија. Нема да дозволиме центарци да се гушат во смет“, изјави Герасимовски

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – ПОЦ и вредните хигиеничари денеска спроведоа голема акција за чистење на депонијата кај полигонот на Кале.

Во изјава за медиумите, Герасимовски потенцираше дека изминатите четири години го сработуваат и она што Град Скопје не го работи.

„Денеска се чисти просторот под Кале, добро познатиот полигон, каде што се сочуваме со огромна депонија. Нема да дозволиме центарци да се гушат во смет. Заедно со нашите тимови на луѓе, заедно со хигиеничарите, заедно со сите вработени сме постојано на терен, дури и во ноќните часови. Изнајмивме дополнителна механизација за цело ѓубре што се прелева на улиците и на одредени депонии биде отстрането од наша страна”, вели Герасимовски.

Тој, истакна дека по завршувањето на чистењето на депонијата во населбата Крњево, викендов хигиеничарите продолжиле со чистење и целосно отстранување на опожарените бараки во кои беше сместен поранешниот Суд за прекршоци, кај салата „Партизан” во Градскиот парк.

„Нашите служби, заедно со мене, заедно со директорот на ПОЦ Душко Коцевски ќе бидеме постојано на терен за да ја подигнеме хигиената на што повисоко ниво”, потенцираше Герасимовски.

Во чистењето на депонијата кај Кале, вклучена беше целата механизација со хигиеничарите.