Трошановски: Не постои висока веројатност посетата на Урсула фон дер Лајен да донесе друга порака, освен симболичната волја да бидеме дел од Унијата

Тој за „Локално“ вели дека не очекува „мек притисок“ за поместување на ставовите на македонската влада во однос на евроинтеграциите или пак, дека нешто значително би се променило.

од Бисера Трајковска
28 прегледи Фото: Солуција

Не постои висока веројатност за друга порака, освен политички симболично искажаната волја за земјата и регионот да бидат дел од Унијата, како и поттик за внесување на Бугарите во Уставот и откочување на нашиот преговарачки процес, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС), во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во среда во Скопје.

Трошановски не очекува „мек притисок“ за поместување на ставовите на македонската влада во однос на евроинтеграциите или пак, дека нешто значително би се променило. 

-Тој „мек притисок“ постојано е тука, но не верувам дека нешто значително ќе биде променето. Така што, не верувам дека ќе има нешто повеќе од тоа што до сега имало како „мек притисок“, поттикнување или охрабрување, како што дипломатите политички милуваат да кажат, додаде Трошановски.

Тој смета дека условите сега се подобри, но не целосно и не се поволни, не само за нас туку и за останатите земји кои аспирираат да бидат дел од ЕУ.

Посетата на Урсула фон дер Лајен е во рамки на нејзината обиколка низ Западен Балкан. Нејзина прва дестинација во рамки на турнејата е Тирана.

Б.Т.