Мицкоски: Овие избори се одлука за вашата иднина и за иднината на вашите деца

Мицкоски за вчерашната изјава на претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој рече дека инфлацијата е висока, потенцира дека во време на власт на СДСМ, инфлацијата изнесувала и високи над 20 отсто.

од Vladimir Zorba
14 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

Поминавме седум тешки години кога претходната влада на СДСМ и ДУИ создаваше хаос, уривања, поделби и многу криминал и тие години на апатија и безнадежност народот не ги заборава, колку и денес да се трудат ова време да се заборави. Пред само 15 месеци истите тие луѓе беа причината за сите неправди и неуспеси. Сега истите тие не може да бидат алтернативата која ќе донесе резултати. И така безобразно продолжуваат и оваа кампања да не ја говорат вистината, истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во општина Чашка.

Мицкоски за вчерашната изјава на претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој рече дека инфлацијата е висока, потенцира дека во време на власт на СДСМ, инфлацијата изнесувала и високи над 20 отсто.

– Тој зборуваше за инфлацијата, стандардот на граѓаните и за тешкиот живот. Во прво време не го сфаќав сериозно и мислев дека тоа што го говори е практично нешто коешто му е кажано да го каже, па потоа ќе каже дека ја научиле грешката од минатото, дека еве сега врз основа ан таа грешка нема повеќе да грешеле, ако ја добијат довербата. Но во суштина сфатив дека тоа е нивната стратегија на овие избори да кажуваат нешто коешто воопшто и не го разбрале. Сфатив дека тие на оваа кампања, во овие избори, не само што не ја научиле лекцијата од минатото, туку продолжуваат истата грешка да ја прават. И кога не води црна кампања, тогаш не ја говори вистината и како што вели народот, лаже, па ќе зборува дека имало сега рекордно високо ниво на инфлација. До само пред година и половина, две години, Македонија беше рекордер во стапката на инфлација во Европа, којашто на моменти изнесуваше и повеќе од 20 отсто, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овие избори се одлука за иднината.

– Овие избори се одлука за вашата иднина и за иднината на вашите деца. Вие го одбирате човекот кој ќе се грижи за вашето маало, за вашата улица, за вашата општина. Со тој избор вие сакате да имате човек кој ќе биде вашиот глас во општината, човек на кој можете да се потпрете кога ви треба помош, човек кој ќе ве сослуша кога имате што да кажете, кој ќе работи и ќе решава проблеми, рече Мицкоски.

Мицкоски порача дека со еден избор, кој е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на овие избори се оди напред, а со друг избор, СДСМ и нивната некаде формална, некаде неформална коалиција, граѓаните и државата се враќаат назад.

– Досегашната кампања покажа дека изборот е лесно препознатлив. Но одлуката да излезете и да гласате е пресудно важна за да обезбедите иднина. Ние излегуваме со план, програма и визија зад која стојат внимателно одбрани проекти и решенија кои се одговор на вашите потреби. Не ветуваме чуда, чуда се невозможни, ние не сме чудотворци, а секој кој ветува чуда не ја говори вистината, ние ветуваме многу напорна, чесна и посветена работа, рече Мицкоски.

Од друга страна, додаде Мицкоски, нашите конкуренти ниту имаат програма, ниту имаат знаење, имаат само конструкции, фабрикувани лаги и многу омраза.