На овие избори граѓаните не бираат само градоначалник, туку одлучуваат каде ќе се движи Македонија како држава, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Пробиштип, во рамки на изборната кампања со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина“. Мицкоски се осврна на, како што вели тој, неформалната коалиција за локалните избори составена од СДСМ, ДУИ и Левица, кои се обединети од желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ. Според него, на овие локални избори овој опозициски блок настапува со црна кампања, а не нудат никакви проекти, никаква визија ниту стратегија.
-Кога зборувам за нашите противници зборувам за една непринципиелна коалиција, која што е составена од во суштина три политички партии, која што се обединила поради две главни причини, првата е желбата за власт, по било која цена. И втората е, патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата на СДСМ, на ДУИ, и политичката партија Левица. На некои места, оваа коалиција е формална, на некои полуформална, но во суштина, тоа е тој опозициски блок, кој што на овие избори излегува тотално без никаква програма, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека опозициската СДСМ за претстојните локални избори не нуди ниту проекти, ниту визија, туку само се фокусира на црна кампања уште од првиот ден.
-Од првиот ден, заклучно со денеска, ние не слушнавме ниту еден проект, не слушнавме никаква визија, никаква стратегија, од нив не слушнавме како планираат и каде планираат да ја водат Македонија. Од нив слушнавме само три, условно кажани, политички пораки во оваа кампања. Првата е, црната кампања која што ја водат од првиот ден, па се до ден денес. Против мене се разбира најмногу и против ВМРО-ДПМНЕ. Втората политичка порака која што ја испратија е дека тие се политички наследници и претставуваат континуитет на тоа што претставуваше Влада седум години во Македонија, коалиција СДСМ-ДУИ. Третата политичката порака е дека тие се грижеле и се бореле за нашиот дом, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека за разлика од опозицијата ВМРО ДПМНЕ нема емитувано ниту еден негативен спот, иако има многу причини да се потсетат граѓаните на неуспесите на претходната Влада, ВМРО-ДПМНЕ избира позитивна кампања фокусирана на проекти и иднината.