Амбасадорот на Словачка во Бугарија, Васил Гривна, бил повикан на средба во бугарското Министерство за надворешни работи во врска со официјалните изјави на претседателот Петер Пелегрини за време на неговата посета на Македонија и, како што велат, неприфатливите оценки дадени во врска со процесот на европска интеграција на Македонија. Ова го соопштиле од бугарското МНР.
Генералниот директор за европски прашања, Јордан Прванов, ja изразил длабоката зачуденост на бугарската страна од ставовите изнесени од претседателот Пелегрини, кои во пракса ја оспоруваат валидноста на Европскиот консензус од јули 2022 година, усвоен од сите земји-членки на Европската Унија (ЕУ), вклучително и Словачка, соопшти тамошното министерство.
„Длабоко сме разочарани што станува збор за земја-партнер која си дозволува да ја промовира контрапродуктивната реторика на владата во Република Северна Македонија, која постојано бара некого да го обвини за недостатокот на напредок во нејзиниот процес на европска интеграција. Таквиот став не е во интерес ниту на стратешката визија на ЕУ за регионот, ниту на граѓаните на оваа земја-кандидат“, додал Прванов.
Министерството за надворешни работи на Бугарија ги потсетува „партнерите во Братислава дека напредокот на патот кон ЕУ зависи исклучиво од сопствените заслуги на Македонија во процесот на исполнување на утврдените критериуми и постигнатите договори“.
На 14 октомври, за време на неговата посета на Република Северна Македонија, словачкиот претседател изјави дека Словачка е голем поддржувач на интеграцијата на Македонија во ЕУ и дека оваа интеграција не треба да се злоупотребува.
„Загрижен сум дека пристапувањето не се базира на техничка подготвеност, туку на некои геополитички игри и дека ќе има земји во ЕУ кои ќе играат политички игри со цел да го спречат проширувањето. И верувам дека ако го сторат ова, тоа ќе биде огромна политичка грешка за која ќе се покаат… Не можам да прифатам двојни стандарди и затоа ја критикувам ЕУ“, порача Пелегрини од Скопје.
„Разбирам дека имавте тежок пат кон ЕУ, знам колку беше тешко да се реши проблемот со името. Ќе критикувам малку велејќи дека постојано се појавуваат нови услови и искрено верувам дека ЕУ прави голема грешка, бидејќи ЕУ не може да ја изгуби оваа динамика (на проширување)… Вашата земја е дел од процесот 20 години и мораше да донесува тешки одлуки. И сепак, сè уште нема одговор на прашањето кога вашата земја ќе се приклучи на ЕУ. ЕУ презема ризици со овој процес. Ние, како Словачка, сме на ваша страна и ве поддржуваме на секој можен начин, бидејќи веруваме дека иднината на ЕУ лежи во проширувањето, а дел од тоа е безбедноста, особено во овој регион“, додаде шефот на Словачка на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска.