Два дена по посетата на Фон дер Лајен, ЕК објави дека Македонија, Албанија и Црна Гора никогаш не биле поблиску до ЕУ

„Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвена“, порача Фон дер Лајен

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Европската комисија на 16 октомври објави дека одобрила ново финансирање за Македонија, Албанија и Црна Гора во рамките на Планот за раст на Западен Балкан, клучна програма насочена кон забрзување на економскиот развој на регионот и приближување кон Европската Унија.

„Оваа одлука ги признава значајните реформи што нашите партнери ги спроведоа со цел усогласување со европските стандарди“, се вели во соопштението на Комисијата.

Македонија добива втора транша од 16 милиони евра, од кои 7,4 милиони ќе бидат исплатени во државниот буџет, додека преостанатите средства ќе финансираат проекти во областа на транспортот, енергетиката и дигитализацијата.

По одобрувањето од страна на Управниот одбор на WBIF, средствата ќе бидат насочени кон проекти поврзани со одржлив транспорт, чиста енергија, дигитална инфраструктура и развој на човечки капитал, во тесна соработка со владите на земјите од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции.

Од почетокот на спроведувањето на Планот за раст, вкупно исплатени средства изнесуваат 99,3 милиони евра за Албанија, 18,3 милиони за Црна Гора и 25 милиони за Македонија.

Покрај финансиските мерки, Комисијата објави и дополнителни придобивки во рамките на европскиот систем за плаќање:

„За прв пат, партнерите за проширување се приклучуваат кон СЕПА системот за единствени плаќања во евра. Ова значи дека трансферите на пари од Македонија, Албанија, Молдавија и Црна Гора до ЕУ ќе бидат побрзи, поевтини и посигурни. Побрзите прекугранични плаќања носат вистински придобивки за бизнисите, го олеснуваат тргувањето и придонесуваат за реален раст“.

Соопштението на Европската комисија дојде само два дена по посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на Македонија. Беше пречекана со очекувања за „креативни предлози и решенија“ и „испорака од ЕУ“ со цел „зачувување на образот и достоинството на патот кон Унијата“. Шефицата на ЕК преку куса објава на мрежата „Х“ ја префрли топката од европскиот терен во рацете на домашните играчи.

„Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша кусо Фон дер Лајен. Таа додава дека ЕУ „целосно стои зад Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и Фон дер Лајен се одржа зад затворени врати. Не беше организирана прес-конференција за медиумите.