На маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, заменик-генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска, ја нагласи цврстата и долгорочна посветеност на НАТО кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, нагласувајќи ја важната улога на мисијата КФОР и континуираната поддршка за политичкиот дијалог меѓу Приштина и Белград, пренесува РТК.
„Иако зборуваме за глобални безбедносни предизвици, ситуацијата на Западен Балкан е секогаш високо на нашата агенда. КФОР останува нашата најдолга и најголема мисија, што јасно ја покажува стратешката важност на регионот за Алијансата“, рече Шекеринска.
Како одговор на безбедносните предизвици, вклучувајќи ги нападите врз припадниците на КФОР во 2023 година и инцидентот во Бањска, НАТО реагираше со зголемување на бројот на војници и зајакнување на своето присуство на терен, потсетува РТК.
„Така, ја покажавме нашата вистинска посветеност – не само на военото присуство, туку и на поддршката на политичкиот дијалог со посредство на Европската Унија. Веруваме дека единствениот одржлив пат до мир води преку политички преговори и го поддржуваме тој процес со конкретни акции на терен“, истакна Шекеринска.
Зборувајќи за соработката со земјите од регионот, таа особено го нагласи значењето на партнерството со Србија, кое, како што наведува, се заснова на взаемна корист и доброволност.
„Србија е партнер на НАТО долго време. Работиме заедно на бројни проекти – од сајбер безбедност, енергетика, до иновативни научни иницијативи како што е проектот Декстер. Тоа партнерство има вредност и за НАТО и за Србија“, нагласи таа.
Шекеринска, исто така, подвлече дека гласот на КФОР денес се слуша и се цени и во Приштина и во Белград, и дека граѓаните на Косово ја препознаваат улогата на КФОР како гарант на мирот и стабилноста.
Запрашана за руското влијание во Западен Балкан и пошироко, заменик-генералниот секретар на НАТО предупреди на сеприсутни обиди за дестабилизација преку хибридни дејствија, дезинформации и политичко мешање.
„НАТО не ги набљудува овие појави пасивно. Вложуваме повеќе од кога било во зајакнување на нашите воени капацитети, но и во отпорноста на нашите општества. Од самитот во Хаг испративме јасна порака: ќе го заштитиме секој сантиметар од територијата на Алијансата и нема да дозволиме единството и решителноста на НАТО да бидат доведени во прашање“, истакна Шекеринска.
Шекеринска рече дека НАТО ќе продолжи да биде сигурен партнер за земјите од Западен Балкан, работејќи на зачувување на мирот, стабилноста и европската перспектива на регионот.