Вчера Македонија и Македонскиот народ/граѓани целосно паднаа во маѓепсан пеколен круг од кои нема да можат да се вратат со децении. Вчера Македонија ја доживеа својата кулминација на ирационалноста која започна некаде во 2016 година со т.н. шарена револуција а вчера како фарса се повтори и мултиплицира и издигна на незамисливо ниво, право во 9-иот круг од пеколот на земјата-мициленд. А денес, после вчерашниот ден, мора да се направи големо Де Сосировско раз-значување на се постојно до завчера, да се деконструираат митовите кои иако истрошени сепак некаде животно пулсираа во самосвеста на некои Македонски луѓе, да се напуштат колективните илузии за Македонски дух, атемпорални мета- нарации, логоцентричен македонизам – ништо повеќе нема од тие, веќе од денес, апстрактни концепти, празни звуци. Денес, као што Хајдегеријански мисли и пее еден поет, песните ни се испеани, книгите ни се напишани, но за разлика од него кој гласно се прашуваше – зарем тоа беше се, ние денес, да го парафразирам, го дознавме конечниот афирмативен одговор – да, ништо сме. Македонија повеќе нема иднина, нема перспектива, нема битие, нема есенција – таа од денес, сосе нас што не сме мициња, нема ништо освен бескрајна амплификација и продлабочување на диктатурата, или посоодветно за овие географски простори, за Балканот, пашалак на троглавиот политички кербер. Кербер, кој е чувар на пеколот што нема да дозволи да излеземе од мициленд, кој ќе не држи внатре маѓепсаниот круг, нацртан како во од митот за језидскиот круг со креда,а кај нас со мастилото од гласачките ливчиња вчера.
Ако и некако, колку-толку рационално, може да се објасни големата победа на мицковистичко дпмне на 8 Мај лани – со големите политички лаги во комбинација со валкани политички дилови – вчера не може да се објасни рационално. Да, медиумски мрак, партизиран систем на институции, илјадници вработувања на гласачи мициња итн.итн., но сепак! Не може рационално да се објасни како и после се, по повеќе од една година и пет месеци буквално секојдневна најпрактична демистификација на нивните изборни ветувања, разобличување на нивните големи политички лаги, најсиромашна држава во Европа, пак гласаа толку многу луѓе за нив. Освен ако некој не ставил нешто во водата за пиење или не прскал од воздух некаков прав за хипнотизирање на стотици илјади луѓе, во алузија на Строуб Талбот кои еднаш одамна кажа нешто слично – а тоа, се разбира не е можно. За овие една година и пет месеци тоталитарно, диктаторско владеење не го вратија ниту името Македонија на државата и на народот, ниту го поништија договорот за добрососедство со Бугарија, ниту го укинаа охридскиот рамковен договор, ниту ја сменија преговарачката рамка со ЕУ, ниту ги ослободија оние од 27-ми Април, ниту… ниту ништо од сето она врз што убедливо победија лани. И покрај тоа ништо како реален резултат од нивното претворање на Северна Македонија во мициленд и пашалак ги гласаа, и тоа стотици илјади луѓе. Тој context free факт е новиот и најголем македонски пораз во историјата на нашата колективна егзистенција, тој пакосен факт на самосвесна ирационалност наречен гласање за тоталитарниот режим на дпмне мицковистичко. Холистички пораз на Македонците а триумф на мицињата, после кои нема да има утре sub speciae aeternitatis.
Вчерашниот ден е толку лош ден што дури мора да се погледнеме длабоко во нашето огледало наназад, како колективна реконструкција и ретроспектива, да ги видиме сенките кои кумулативно доведоа токму до вчерашниот ден. Ние од денес, после вчера, мора да го преиспитаме секој наш мит, секој наш topos, бидејќи толку масивна и сеопфатна навала на ирационалност не е можна со нашите довчерашни историски и други „вистини“. Денес се чини дека ние Македонците, што е сепак природно, сме сакале да веруваме дека големите датуми на наша сувереност и државност биле некаков продукт на вековна, милениумска агонистика за своја држава, реализација на историски стремежи и слично, но од денес, после вчера, јас лично почнувам да се сомневам – тоа мора да биле некои поинакви Македонци. Можете ли да замислите воопшто, после вчера, дека е можно ваков народ со инхерентна ирационалност самиот без историски контексти и големи светски трендови да создаде држава макар во било каков облик. Распадот на СССР, источниот блок и Југославија, а претходно антифашизмот, кога ние би биле како нив, тогашните рационални Македонци, би биле темелот на државноста, не ние, денешните ирационални Македонци. До толку и до таму не донесе вчерашниот ужасен ден на ова парче земја, мициленд.
И за вчера да биде еден од најирационалните денови во севкупната историја на Македонскиот народ се „погрижија“ оние од СДСМ. Не е толку до катастрофалниот, апокалиптичен изборен пораз колку фарсата која ја одиграа пред нашите очи. Сите нас што добронамерно во име на борба против тоталитаризмот, без никакви други цели или нивна логистика, сакавме да им помогнеме макар со два-три гласа повеќе, толку бескрупулозно не анихилираа што тоа е навистина понижувачко. Во толку очигледно координирана и однапред осмислена квази-нарација која изборниот пораз налик на катаклизма се обидоа да го претстават како „успех“ (Ана Чупеска) и дека „СДСМ се враќа на голема врата“ (Фани Каранфиловска Пановска), а нешто слично кажа дури и Венко Филипче, барем јас го доживеав како потсмев со рационалноста па дури и како понижување на здравиот разум воопшто. Разочарувањето ми е дотолку поголемо затоа што тоа дојде, каква иронија, од единствените две битни личности од СДСМ за кои имав добро мислење – Ана и Фани. Среде левитација во Томас Ман-овска атмосфера тоталниот изборен пораз да го претставуваш како победа е смешно и тажно, во ист миг. Наместо признавање на поразот и одговорност (на пример од тој Саша или Александар, а стварно не знам кое му е името, дали Саша или Александар или двете, што им е генерален секретар), Потпретседателките на СДСМ Ана и Фани рекоа дека тоа не било пораз туку напротив, некаков успех и враќање на сдсм и слично, дури и ми е срам иако не знам зошто, да ги цитирам. Наместо интегрално преиспитување на довчерашната идеолошка парадигма и креирање на поинаков СДСМ после вчера, идентификација на објективните причини за поразот и нивно сукцесивно надминување, наместо сопствено признавање на сопствените грешки, дамите од СДСМ на јаве фантазираат дека се враќале на голема врата. А вчера тие всушност дојдоа само до портата која ја чува Кербер, сосе змиите-ламји како опашка, и ниту чекор подалеку. А ако стварно веруваат во тоа што го зборуваа, во што сепак се сомневам, тогаш човек не знае што е полошо. Ако самосвесно погрешно интепретираат, да не кажам политички глумат бидејќи се дами, тогаш е лошо, а ако стварно го мислат тоа што го зборуваа, тогаш е уште полошо, тогаш тие како да не живеат во мициленд, а соочувањето со свирепата реалност на мициленд е прв и неопходен услов за било каква политичка активност и размислување.
И така, пеколниот маѓепсан круг се затвори вчера, антрополошкиот инжинеринг кои плаузибилно метафорично може да се нарече Калигула гласање сосема извесно ќе доведе до Нероновско затворање на мициленд во ад-от, а троглавиот Кербер ќе не држи таму сите нас што не сме мициња. Како Пан со кавалчето кое можат да го слушнат само мицињата, преку некаков Питер Слотердајковски фетусен акосмизам, тие сите нас не-мицињата, ќе не влечкаат по нив низ адот мициленд, се додека не дојдеме до финалниот стадиум на негативно-дијалектичкиот „развиток“ на македонската колективна ирационалност, кога можеби некој како Итар Пејо ќе викне, еве волна, скокајте, во амбисот на пеколот. И скокот во маглата ќе биде последен крај на Македонецот. Господ нека ни е напомош, иако и Господ вчера го напушти ова парче земја, мициленд.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.