„Референдумот“ кај албанскиот блок пропадна: „Темата ДУИ можеби е навистина затворена, но не од Мицкоски туку од самите гласачи Албанци кои рекоа доволно е“

Тешко до предвремени парламентарни по вчерашните избори: Аналитичари за „Локално“ оценуваат дали повлекување на Ахмети ќе отвори простор за нова енергија...

од Nikola Popovski
94 прегледи Фото: Принтскрин

Голема изборна битка се водеше и во албанскиот блок. Од ДУИ најавуваат дека изборите се референдум и ќе ја постават насоката за понатамошниот политички процес. Се споменуваше и барање за предвремени парламентарни избори. Кандидатот за градоначалник на Чаир од Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи, го призна поразот и му ја честита победата на својот противкандидат од ВЛЕН, Изет Меџити. Најави дека за следните политички чекори јавноста ќе ја информира наредните денови. „Честитки до мојот противкандидат и целата коалиција што застана зад него, тие се победници на изборите во Чаир и им посакувам успех во водењето на општината во следните четири години“, напиша Османи на социјалните мрежи.

Новиот градоначалнк на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити изјави дека ВЛЕН е легитимен победник во мнозински албанските општини. Во своето обраќање, Меџити упати и директен повик за оставка до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оценувајќи дека „гласот на Албанците го испратил во политичка пензија“. „На ДУИ и Ахмети кои се залагаа за легитимитет, да им честитам за победата во Пласница, додека во другите општини убедливо води ВРЕДИ. Во Чаир сме да ја прославиме победата на ВРЕДИ уште во првиот круг. Тие посакуваа да се мериме во Чаир и Тетово, и таму убедлива победа ќе издвојува ВРЕДИ, како и во други општини доаѓаат резултати дека ВРЕДИ е легитимен победник“, рече Меџити.

Падна митот за Ахмети или борбата продолжува?

Според дел од експертската јавност, резултатите од локалните избори јасно покажуваат дека т.н. „референдум“ на ДУИ не успеа. Се потенцира дека албанските гласачи испратија силна порака – време е за промени и дека повеќе не ја прифаќаат политиката на страв, клиентелизам и монопол врз албанскиот политички простор.

-Фактот што ВЛЕН победи во клучните општини како Чаир, Арачиново, Желино, Теарце, Сарај а во Тетово влегува во втор круг со водство, покажува дека довербата се пренесува кон нови структури кои нудат реална визија и кредибилитет. Тоа е суштинска промена во свеста на гласачите, вели аналитичарот Џенур Исени за „Локално“.

Џенур Исени

Според него, ДУИ овој пат го доживеа својот најголем политички пораз од формирањето наваму. Исени е дециден дека падна митот за „недопирливоста“ на Али Ахмети.

-Овој пораз не е само локален, тоа е почеток на крајот на една ера. Ахмети вчера ја доживеа својата финална политичка ударица и, со тек на време, најверојатно ќе ја следи судбината на Мендух Тачи. Плановите на ДУИ за предвремени парламентарни избори напролет фактички пропаднаа, затоа што резултатите не му одат во прилог на нивниот наратив за „референдумска победа“. Напротив, вчерашните избори беа референдум против дваесетгодишната власт на ДУИ. Темата „ДУИ“ можеби е навистина затворена, но не од Мицкоски, туку од самите гласачи Албанци кои рекоа доволно е, оценува Исени.

Од друга страна, аналитичарот Зуди Џелили смета дека вчерашните избори јасно покажаа дека албанскиот политички блок влегува во нова фаза на трансформација. Според него, Резултатите укажуваат на зголемена конкуренција, поголема политичка зрелост кај гласачите и потреба за одредени промени.

-Движењето ВЛЕН несомнено оствари важна победи во Чаир со помошта што ја вети премиерот, но останува да се види што ќе се случи во Тетово, Струга, Кичево, Дебар и др. Не знам, дали ова е апсолутна победа, времето ќе покаже, бидејќи конечниот исход треба да се мери не само во бројот на општини, туку и во вкупната поддршка и за советнички листи каде НАИ има повеќе гласови, што значи повеќе пратеници во случај на предвремени парламентарни избори. ДУИ и АА пак, остануват релевантен политички фактор со стабилно гласачко јадро, иако резултатите очигледно не се на нивото што го најавуваа. Инаку време е за сериозна внатрепартиска анализа во ДУИ и преиспитување на пристапот како ќе продолжи како во секој друг субјект, наведува Џелили.

Зуди Џелили/Фото: Принтскрин

Изјавата на премиерот Мицкоски дека „темата ДУИ е затворена“, според аналитичарот, повеќе личи на политичка порака отколку на реална констатација.

-ДУИ сè уште има организациска мрежа и искуство, но мора да се отвори кон нови идеи и лица доколку сака да остане релевантна сила. Што се однесува до повлекување на Али Ахмети, тоа е прашање на лична проценка и политичка мудрост. Понекогаш најсилниот потег на еден лидер е токму подготвеноста да направи простор за нова енергија, а притоа да остане фигура на единство и континуитет, нагласува Џелили.

Со сличен став и аналитичарот Емир Хасановиќ. Оценува дека ДУИ доби лекција дека старата слава е сепак само стара слава и поминале подобро од што очекувал. Просечниот Албанец, додавва Хасановиќ, секогаш ќе ѝ биде благодарен на ДУИ за рамковниот договор и сите стекнати права кои следеа, но е свесен дека секоја „борба“ дебело е наплатена.

-Истовремено просечниот Албанец е оправдано огорчен од два аспекта:

Емир Хасановиќ/Фото: Фејсбук

1. Што Али Ахмети дозволи поединци да ги огадат тие со мака стекнати права во очите на останатите во државата до мера да бидат институционално доведени во прашање.

2. Што никогаш не успеа да се наметне како сериозен креатор на јавни политики и да промовира вистински професионалци во јавниот политички живот. Нивното наследство се сведува на приврзок во клучни процеси, јас не сум информиран за ниту една проминентна јавна политика што е автохотон продукт на ДУИ, објави Хасановиќ.

Споед него, ДУИ 2.0 требаше да се случи уште во 2017 година и таа ДУИ требаше да биде пост-рамковна, сериозна европска партија која се однесува како партиите на власт во Косово и Албанија.

-Таа партија требаше да артикулира дека Албанците имаат пософистицирани потреби од етничките права и дека се комплетно подготвени да ја направат оваа држава подобро место за живеење заедно со своите сограѓани. Ако оваа лекција не е кристално јасна и тој процес не започне уште утре, се плашам дека ДПА на Мендух Тачи ќе ја надживее ДУИ. Али Ахмети има само уште една мисија, да собере комплетно нова екипа, да го вложи сиот свој кредибилитет во нив и да се пензионира кога ќе застанат на свои нозе пред следната изборна трка.

ВЛЕН има право само вечерва да слави, уште утре тие имаат нови партнери во Владата. Партнери кои имаат апсолутна власт односно 0 потреба за компромис и неоправдана самодоверба дека се директно одговорни за нанесување на смртни рани на СДСМ и ДУИ, порачува Хасановиќ.

Н.П.