Локалните избори одржани на 19 октомври беа конкурентни и на гласачите им овозможија вистински избор меѓу различни политички алтернативи, но беа засенети од правни недостатоци, ограничени институционални капацитети и висока политичка поларизација, соопштија меѓународните набљудувачи во денешната изјава за прелиминарните наоди и заклучоци.
Според заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент, изборите се одвивале во атмосфера на разочараност од политиката и широко распространети перцепции за корупција.
Шефот на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР, Матео Мекачи, посочи дека иако изборната администрација генерално ги спровела подготовките ефикасно и во согласност со законските рокови, празнините во законодавството, застарената инфраструктура и ограничените ресурси негативно влијаеле врз нејзината работа.
– Беше добро да се види конкурентна кампања во изминатите недели и добро организиран, претежно мирен изборен ден, но и натаму остануваат загрижувачки недостатоците во изборното законодавство кои го поткопуваат работењето на институциите, рече Мекачи.
Тој нагласи дека решавањето на прашањата поврзани со финансирањето на кампањата и еднаквите можности за медиумска застапеност ќе бидат во фокусот и во вториот круг од изборите на 2 ноември. Мекачи посочи дека основните слободи биле почитувани, а кандидатите можеле слободно да водат кампања, но биле забележани, како што вели, случаи на злоупотреба на јавни ресурси, како и притисоци врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и купување гласови, што предизвикало загриженост кај набљудувачите.
– Извештаите за притисоци, заплашувања и злоупотреба на јавни ресурси се спротивни на меѓународните стандарди и остануваат сериозен предизвик, изјави Мекачи, додавајќи дека „клучните аспекти од изборниот процес бараат реформи од финансирање на кампања до еднаков пристап до медиумите за сите кандидати.“
Јавните средства сочинуваат значаен дел од вкупното финансирање, но нивната распределба, се посочува, ги фаворизира поголемите партии, оставајќи „само ограничени можности“ за малите партии и независни кандидати.
– Системските слабости во финансирањето ги фаворизираат владејачките партии и ја ограничуваат политичката конкуренција, се наведува во дел од извештајот.
Се потенцира и дека правната рамка обезбедува техничка основа за демократски избори, но содржи бројни празнини и нејаснотии кои овозможуваат различни толкувања. Иако измените на Изборниот законик од 2024 година опфатиле дел од претходните препораки на ОДИХР и Конгресот, голем дел од нив и понатаму остануваат неспроведени. Посебно внимание е посветено на одлуката на Уставниот суд од мај 2025 година, со која беа укинати одредбите за бројот на потписи потребни за независни кандидати, како и на интервенцијата на ДИК која бараше само два потписа за пријава. Иако тоа се сметало за практично решение, мисијата оцени дека интервенцијата на ДИК поставила преседан што го доведува во прашање принципот на поделба на власта.