Градоначалникот на Куманово и кандидат за нов мандат, Максим Димитриевски објави дека ќе ја добие поддршката од ВЛЕН за гласањето во вториот круг од локалните избори. Димитриевски денешната средба со еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити ја опиша со зборовите „подадена рака“.
-Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, Организациониот секретар на Алтернатива, Башким Муртези и Пратеникот Даниел Стојчевски. Во топлиот и искрен разговор од претставниците на Коалициониот партнер Влен добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Куманово, поддршка која ја отсликува мултиетничката и мултикултурната реалност на нашиот град, која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред во остварување на проекти во интерес на сите граѓани на Куманово.
Благодарам на сите кои ја препознаваат и поддржуваат визијата за иднината на Куманово и Македонија.
Заедно ќе продолжиме да го градиме нашиот град и да работиме во интерес на наши Кумановчани“, објави градоначалникот и лидер на ЗНАМ.
Димитриевски освои 37,89 проценти или 16.183 гласови, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК). Во втор круг влегува и независниот кандидат Горан Стојковски-Диро со освоени 13,92 проценти или 5.946 гласови.