Сервис за чистење на стан од 60 квадрати бара 7.500 денари. И чистачките не се ништо подолу и ги кренаа цените до плафон – за иста квадратура на стан бараат од 4.000 до 5.000 денари, а цените ги вадат од ракав. Граѓаните се запрепастени од високите цени за чистење на станови, канцеларии и деловен простор. Велат како тргнала работата наскоро платата на чистачките ќе ја достигне онаа на ИТ инженерите, бидејќи и едните и другите се многу барани на пазарот.
Последниве години се зголемува побарувачката, но и платите на чистачките. Луѓето се многу ангажирани и немаат време за чистење на домот, па се почесто бараат чистачки и неможат да ги најдат.
-Прашав една жена што доаѓа кај комшиката да чисти колку зема за чистење на стан од 60 квадрати ми рече од 4.000 до 5.000 денари во зависност од тоа колку е прљав станот. Цената ми беше многу висока и не прифатив. Знам дека цените им се зголемени, ама 5.000 денари за чистење на стан е премногу, вели една Скопјанка.
Друга вели дека подолго време бара жена за чистење, но неможе да најде, бидејќи сите што ги прашала се зафатени.

-Освен што земаат скапо неможе да ги најдеш. Со изговор дека постојано се зафатени сакаат да ти ја зголемат цената и треба да се чувствуваш привилегирано доколку се нафати да ти го исчисти станот. Понекогаш знаат да бидат и дрски велат “ако ти е скапо и ако не ти се чека исчисти си сама”, вели една госпоѓа од Скопје.
Доколку пак сакате да ангажирате сервис за чистење цените се уште повисоки, така за иста квадратура ќе ви побараат 7.500 денари.
-Работиме со наши средства, работата двајца од 8 и 30 наутро до 14 и 30 напладне. За шест часа станот ќе ви биде исчистен. Цената за чистење на стан од 50 до 60 метри квадратни е 7.500 денари, но може и повеќе доколу има повеќе работа, велат за „Локално“ од еден сервис за чистење на станови во Скопје.
На прашањето зошто цената е толку висока ни одговорија дека трошоците на компаниите се многу зголемени, така што мораат да ги качат цените за да работат рентабилно.

Фото: Google
-Поскапени се средствата за чистење, дневниците, односно цената на работната рака, опрема, сервис, бензин, транспорт амортизација, униформи на вработените…. Сите трошоци на компанијата се зголемени, ние работиме со наши машини и една поправка чини многу. Има голема побарувачка и кога има побарувачка нормално е цените да растат. Цените варираат во зависност од тоа колкав е и колкуе прљав станот. Така на пример некогаш за чистење на еден прозорец може да се потрошат неколку часови. Наша екипа доаѓа на увид и утврдува колку време ќе и треба и која ќе биде цената, изјавија за „Локално“ од Техно чист.
Но, по огласите на Пазар 3 може да се најдат и поевтини чистачки кои наплатуваат по 2 – 3 илјади за чистење на стан, но како чистат тоа е друго прашање. Многумина се жалат дека откако ангажирале жена да им го исчисти станот после морале да дочистуваат, бидејќи не бил добро исчистен.
Освен граѓаните и компаниите се жалат дека неможат да најдат жени за чистење на канцеларии. За оваа работа саатницата на чистачките се движи од 1.000 до 1.500 денари во зависност од тоа колку часа ќе биде ангажирана.
Б.С.