„Политиката градена 20 години со самозадоволство, измама и ароганција се урна на 19 октомври како кула од карти. Победите на ВЛЕН во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино, Теарце и убедливото водство во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Брвеница и Долнени се јасниот одговор на Албанците на ПР-трикот „референдум” што го трубеше мачното трио Ахмети-Таравари-Села со месеци“, порачаа денеска од ВЛЕН преку соопштение.
Според коалицијата, во Кичево се виде, како што велат, вистинското лице на старата политичка каста.
-Кога избувна скандалот, одговорот беше ист како 20 години по ред „да го поминеме и ова, како и секој друг пат”. Ова е филозофијата што ги држи Албанците како заложници, затворете ги очите, преправајте се дека не слушате, а утре продолжете како ништо да не се случило. По објавувањето на компромитирачките материјали, коалицијата ВЛЕН побара повлекување на кандидатот на НАИ од трката за да се заштити достоинството на процесот. Но, тој одлучи да продолжи, ставајќи го Кичево во нефер позиција и докажувајќи дека за оваа политичка каста, власта е последниот политички кислород.
Ова е последица на политиката која со години сè градеше врз ароганција, лаги и лично пазарење, мислејќи дека секој скандал „поминува за три дена”. За коалицијата ВЛЕН, како што рековме, јавниот морал не е предмет на преговори. Затоа, сега луѓето од Кичево мора сами да ја донесат пресудата, стои во партиското соопштение.
Претходно повеќе портали пренесоа аудио-снимки објавени на Фејсбук-профилот на извесен „Ел Чека“, на кои наводно се слуша гласот на градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, додека на албански јазик води непристојни разговори со жени вработени во општината. Од Фејсбук профилот на „Ел Чека“ се сугерира дека станува збор за гласот на Дехари кој ја повикува вработената да дојде до него, да му седне во скутот, а се слуша нешто како бакнеж. Според профилот, експлицитни се сексуалните алузии во разговорот меѓу Дехари и неговата вработена.
Фатмир Дехари од НАИ и Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ се двајцата кандидати кои одат во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Општина Кичево. Во трката беа вкупно четири кандидати.