Сојузот на борци од Народнослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) и граѓаните продолжувачи од Тетово ги осудува искажаните ставови на дел од политичките партии во пресрет на вториот круг на локалните избори. Од Сојузот во соопштение посочуваат дека сметаат оти се искажани ставови и изјави кои придонесуваат за етничка нетрпеливост и раздор, како и дека се насочени кон загрозување на територијалниот интегритет и унитарноста на државата.
Како што потенцираат, изјавите на Билал Касами, Хаким Рамадани, Енвер Пајазити и останати во кои повикуваат на етничко обединување и гласање против Македонците, одбрана на територии и слично се ретроградни, опасни и нанесуваат непоправливи штети.
-Иако сме крајно загрижени за состојбата, а поради принципиелност се воздржувавме од коментирање на политички теми во тек на изборниот процес, сметаме дека моменталниот развој на настаните бара итна реакција од сите одговорни општествени чинители. Секоја педа земја е македонска и на неа право има македонската држава која е дом на сите граѓани, се вели во нивното соопштение.
Општинскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ- Тетово во дописот истакнува барање – државата да биде будна и државниот врв да ги осуди ваквите изјави. Воедно со порака до граѓаните – не само да не гласаат етнички, туку да не гласаат ниту по партиски насоки, туку слободно и во интерес на јавното добро и иднината.