Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и фирмите-ќерки ДООЕЛ „Флораком“ и ДООЕЛ „Луна“ денеска повторно протестираа поради неисплатената плата за септември. Од 8 до 11 часот ја блокираа крстосницата пред Зоолошката градина – Скопје и булеварот „Илинден“, кај Матично. Најавуваат дека ако во текот на денешниот ден не ја добијат платата, утре, од 7 до 9 часот, ќе ги блокираат двата влеза на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје.
– За жал, и покрај нашите напори да стапиме во контакт со раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, односно со директорот, не успеавме, и начинот да го изразиме својот револт за неисплатена септемвриска плата е преку блокирањето на крстосницата кај Зоолошка и булеварот „Илинден“. Покрај неисплатената плата за септември, вработените се уште немаат земено ниту регрес за годишен одмор или популарно К-15, ниту јубилејни награди, ниту отпремнина на оние вработени кои заминуваат во пензија, изјави за МИА, претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.
Тој информира дека покрај протестите, имаат поднесено и пријави до Државниот инспекторат за труд, имаат поднесно кривична пријава против директорот за неисплата на регресот за годишен одмор и најверојатно, како што рече, ќе продлжат и со поединечни тужби од страна на вработените за се она што им следува по закон и Колективен договор, а не им е исплатено.
И минатиот месец, вработените во овие скопски јавни претпијатија плата добија по повеќедневен штрајк и блокирање на крстосници во центарот на Скопје.