Споредувањето на цените на автомобилите низ Европа е сложена задача. Навидум логичното фокусирање на еден или неколку специфични модели може да даде погрешна слика – бидејќи цените на возилата зависат не само од производителот, туку и од даночните политики, пазарните навики и нивото на куповна моќ во секоја земја.
Индексот на цени на Евростат за „опрема за личен транспорт“ покажува како цените на автомобилите, мотоциклите и велосипедите се разликуваат меѓу земјите. Во просек, вредноста од 100 го означува просекот на Европската Унија, а секоја земја се мери според овој праг.
Турција најскапа во Европа, Данска води во рамките на ЕУ
Турција е убедливо најскапата земја за купување автомобили и други лични возила меѓу 36 европски земји – цените се дури 36,4% повисоки од просекот на ЕУ. Ова значи дека возило што чини 100 евра во ЕУ би чинело 136,4 евра во Турција. Сепак, овој јаз е малку помал отколку во 2021 година, кога изнесуваше 47,1%.
Во рамките на Европската Унија, Данска е најскапа, со цени 19,1% над просекот на ЕУ.
„Директното оданочување на автомобили (ДДВ и даноци на купување) значително варира меѓу земјите-членки на ЕУ. Данска е екстремен пример за високи даноци, што го објаснува нејзиниот висок индекс на цени“, објаснува Георг Штрасер, истражувач во Европската централна банка (ЕЦБ).
Други земји со високи цени се Исланд (18,1%), Холандија (14,3%), Ирска (10,3%) и Швајцарија (10,2%).
Македонија и Словачка најевтини
На другиот крај од скалата, Македонија и Словачка се најприфатливите земји за купување автомобил. Ако просекот во ЕУ е 100, истите автомобили таму чинат 87,7 и 88,6 евра – што значи дека се 12,3% и 11,4% поевтини од европскиот просек.
Земјите со пониски цени се Словенија (8,7%), Кипар (8,6%), Чешка (8,4%), Норвешка (8,3%), Латвија (7,5%), Црна Гора и Полска (7,2%), каде што автомобилите се најмалку 7% поевтини од просекот на ЕУ.
Од четирите најголеми економии во Европската Унија, Шпанија има најниски цени на возила – 3,8% под просекот на ЕУ.
Германија е малку над просекот (0,4%), додека Франција и Италија се речиси идентични со просекот, со цени пониски за 0,2% и 0,3%.
Зошто разликите се толку големи?
Штрасер објаснува дека главната причина е комбинација од оданочување и таканаречената стратегија за одредување цени според пазарот, со која производителите ги прилагодуваат цените на секој пазар.
„Разликите во преференциите на потрошувачите, брендовите, карактеристиките на моделите и нивоата на приходи создаваат простор за производителите да поставуваат различни цени во различните земји“, вели тој.
Оваа практика функционира сè додека прекуграничната продажба на автомобили (арбитража) е ограничена. Во пракса, купувањето автомобил во странство и прилагодувањето кон различните спецификации на моделите е доволно комплицирано за да се одржат разликите во цените дури и во рамките на ЕУ.
Влијанието на даноците и типот на погон
Штрасер додава дека даноците дополнително ги комплицираат споредбите на цените, бидејќи многу земји применуваат различни стапки во зависност од карактеристиките на возилото – особено кога станува збор за електрични автомобили.
„Земја што силно ги оданочува конвенционалните автомобили, а ги ослободува електричните автомобили од даноци, може да изгледа „скапа“ во просек, иако индексот не ја одразува оваа разлика во структурата на пазарот“, објаснува тој.
Податоците на ОЕЦД за цените на автомобилите пред и по оданочувањето покажуваат дека само стапката на ДДВ не е доволна за да се објаснат разликите – другите давачки, локалните даноци и таканаречените „bonus-malus“ системи, кои стимулираат поеколошки модели, исто така играат клучна улога.
Европскиот пазар на автомобили покажува дека не е сè во цената на моделот – туку во комбинацијата на даноци, пазарна моќ, преференции и подготвеност за плаќање, објави „Инвеститор“.
За потрошувачите кои размислуваат да купат автомобил во странство, вреди добро да ги разгледаат вкупните трошоци – од царина и регистрација до даноци и опрема – бидејќи „поевтин автомобил“ во друга земја честопати всушност не е поевтин.