Кабинетот на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ му одговори на претседателот Јаков Милатовиќ дека Црна Гора нема да прифаќа мигранти од Велика Британија, со обвинувања дека Милатовиќ шири лажни вести.
„Денешната изјава на претседателот Јаков Милатовиќ е дел од очигледна кампања за дезинформации насочена кон ширење лажни вести и предизвикување паника“, соопшти кабинетот на Спајиќ.
Тие наведуваат дека кабинетот на премиерот смета дека е своја обврска да реагира и да ја информира јавноста дека Црна Гора нема, по никоја цена, да прифаќа мигранти од Велика Британија.
Тие исто така наведуваат дека Црна Гора, како идна членка на Европската Унија (ЕУ), останува посветена на почитување на сите обврски што произлегуваат од процесот на европска интеграција и почитување на меѓународното право во прашањата за миграција.
„Изјавите на претседателот, освен што штетат на институционалната стабилност, не придонесуваат за зачувување на добрите и пријателски односи меѓу Црна Гора и Република Турција и Велика Британија, а особено е загрижувачки што како такви можат да предизвикаат дипломатски недоразбирања“, се вели во соопштението испратено до медиумите.
Милатовиќ претходно денес изјави дека е загрижен за, како што наведе, изјавата на Спајиќ дека Црна Гора е подготвена да прифати мигранти од Велика Британија во замена за инвестиции.