🎥Отпад од шишиња тече низ Вардар, Зајкова: Што ќе ни се реклами од кандидатите за втор круг локални и средби и смешкања, кога молчиме на она што нè труе сите!

Зајкова: Според Кривичниот законик, ова може да се квалификува како „загадување на животната средина“, а воведено е и делото „екоцид“ – двете се казнуваат со затвор

од Nikola Popovski
19 прегледи

Вчера беше објавена снимка која покажува илјадници шишиња и друг отпад како се движат по течението на реката Вардар. Според првичните проценки, причината за енормната загаденост најверојатно е подигнатото ниво на реката по обилните врнежи изминатите денови, што довело до повлекување на отпадот од бреговите.

Граѓани на социјалните мрежи претходно денеска реагираа и за слична ситуација во Скопје, каде реката Вардар беше исто така покриена со отпад поради високото ниво на водата.

Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова го сподели видеото на социјалните мрежи и порача дека ова е Вардар денес, истиот оној за кој пееме и ни е национална гордост.

„Не можеме да се однесуваме како да живееме во паралелен универзум и како реалноста да не нѐ допира. Што ќе ни се реклами од кандидатите за втор круг локални избори, средби, смешкања итн, кога молчиме цел ден на она што не труе сите! Ова што денес го гледаме на овие видеа– отпад кој тече наместо вода – не е само национален срам, туку и кривично дело.

Според Кривичниот законик, ова може да се квалификува како „загадување на животната средина“, а воведено е и делото „екоцид“ – двете се казнуваат со затвор.

Но, законот сам по себе не значи ништо ако не се спроведува нели?!? Така што ОЈО, Народен правобранител и кој се и да може да е надлежен повелете постапете.

Крајно време е да престанеме со популизам и само еднодневни акции за чистење. Да престанеме со ИЗГОВОРИ.

Потребни се системски решенија, инспекции на терен, санкции и ОДГОВОРНОСТ.

Институциите мора да реагираат веднаш, затоа што ова сериозно НЕ е политичко прашање – ова е прашање на живот“, порача претседателката на ЛДП и пратеничка.

Се уште нема официјална информација од надлежните што довело до ваквата еколошка катастрофа.