Димитров: Македонија нема да има проблем со снабдување на горива поради затворање на бензинските на „Лукоил“

-„Лукоил“ е само еден трговец со нафтени деривати кој функционира во Македонија. Може да кажам дека „Пуцко Петрол“ има повеќе бензиски пумпи низ Македонија и прави поголем промет, вели Димитров за „Локално“

од Nikola Popovski
492 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Руската нафтена групација „Лукоил“ соопшти дека ги продава своите меѓународни активи, како резултат на воведувањето рестриктивни мерки против компанијата и нејзините подружници од страна на некои држави. Се поставува прашањето дали промената на сопственоста на „Лукоил“ ќе влијае на снабдувањето и на цените на горивата на македонскиот пазар.

Енергетскиот експерт, Константин Димитров за „Локално“ вели дека бензинските пумпи на „Лукоил“ по промена на сопственикот многу брзо ќе бидат ставени во функција и нема да има никаков проблем со снабдување на горива на македонскиот пазар.

-„Лукоил“ е само еден трговец со нафтени деривати кој функционира во Македонија. Може да кажам дека „Пуцко Петрол“ има повеќе бензиски пумпи низ Македонија и прави поголем промет. Освен оваа компанија на македонскиот пазар има многу други приватни бензински пумпи кои увезуваат нафта и нафтени деривати од берзите. Така што затварањето на 40 бензински пумпи на „Лукоил“ нема да предизвика потрес на македонскиот пазар со снабдување со нафтени деривати, смета Димитров.

Тој смета дека во случајот со преземање на „Лукоил“ од страна на швајцарската компанија „Гунвор“ ќе се смени само сопственикот, а бензинските пумпи ќе останат да постојат само под друго име.

Фото: Фејсбук

-Ќе се смени само сопственикот и името на бензинските пумпи кои ќе останат да работат под друго име. Новиот сопственик може повторно да купува руска нафта, но и немора. Може да се снабдува со нафта и нафтени деривати на берзите која немора да биде руска, туку од некоја друга земја. Тие носат нафта со цистерни во кој никој незнае дали има руска нафта или од некој друг производител, објаснува Димитров.

Според него, промената на сопственоста на бензинските пумпи ќе се случи многу брзо, односно тоа е едноставна процедура која се врши во Централен регистар. Дотогаш на македонскиот пазар има многу мали приватни пумпи кои ќе ја вршат таа функција. Така што граѓаните во никој случај нема да бидат погодени од затварањето на бензинските пумпи на „Лукоил„ кои многу брзо ќе почнат поторно да работат само под друго име.

САД минатата недела воведоа санкции против двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, поради војната во Украина. По што рускиот енергетски гигант „Лукоил“ донесе одлука да го продаде својот имот во странство. „Лукоил“ во Македонија има мрежа од 40 бензински пумпи, а компанијата е присутна и во Србија и во Бугарија, но засега „Лукоил“ работи нормално во трите држави,, без ограничувања.

Сепак, дел од експертите коментираат дека доколку дојде до затворање на бензиските пумпи на „Лукоил“ околу 550 лица ќе останат без работа, а буџетот ќе биде пократок за сериозна сума средства што се плаќаат од по основ на даноци и други давачки. Досега се платени повеќе од 850 милиони евра.