Со намалувањето на своето воено присуство во Романија, Бугарија и Унгарија, САД прави ерозија на „предната линија на одвраќање“, токму таму каде што географската ранливост е најизразена

За Трамп поважна е „Америка дома“ и предизвикот од Кина отколку „најранливата граница на НАТО“: Постои реален ризик Москва да го интерпретира ова како геополитичка пукнатина

од Nikola Popovski
94 прегледи Фото: U.S. Army photos/Patrick A. Albright

Соединетите Американски Држави ги известија Романија и нејзините сојузници во НАТО за плановите за намалување на бројот на војници на источното крило на Европа, вклучувајќи ги и војниците што ќе бидат стационирани во воздухопловната база „Михаил Когалничану“, соопшти романското Министерство за одбрана. Се наведува дека околу 1.000 американски војници ќе продолжат да бидат стационирани во Романија. Ројтерс објави дека оваа одлука била очекувана, со оглед на промените во приоритетите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Според „Романија џурнал“, САД повлекуваат околу 800 војници од Романија. Дел од романските медиуми тврдат дека ваквата практика ќе продолжи и во Бугарија, Унгарија и Словачка.

Што ја мотивира актуелната американска администрација за да се одлучи за ваков чекор и дали треба да има загриженост за капацитетите за одвраќање на најранливата граница на воената алијанса…За дел од познавачите на состојбите, одлуката може да се објасни преку комбинација од неколку мотиви. Прво, вели Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, американскиот претседател Доналд Трамп последователно ја позиционира американската надворешна политика во насока на „американски приоритети дома“ и намалување на трошоците поврзани со одбраната на европските партнери.

-Ова е продолжение на неговата долгогодишна критика дека европските сојузници не издвојуваат доволно за сопствената безбедност. Конечно, може да се интерпретира и како дел од поширока стратегија за репозиционирање на американските ресурси кон Индо-Пацификот, каде Вашингтон гледа поголем структурен предизвик од Кина, истакнува Трајкоски, додавајќи дека одбранбеното присуство на терен има и воена и психолошка компонента.

Пецо Трајкоски/Фото: Принтскрин

-НАТО и понатаму останува способна алијанса со брзи сили, логистички коридори и застапеност на сојузничките армија на ротациска основа. Но, симболички, ова претставува ерозија на „предната линија на одвраќање“, токму таму каде што географската ранливост е најизразена, објаснува соговорникот.

Запрашан колку потегот ризикува да ја охрабри Москва и да го поткопа единството на алијансата, Трајкоски смета дека постои реален ризик Русија да го интерпретира ова како геополитичка пукнатина.

-Кремљ традиционално е чувствителен на симболика и ќе настојува да ја прикаже оваа одлука како доказ дека Западот „се изморува“. Од друга страна, самата дискусија може да поттикне внатрешни дебати во Европа околу поделбата на товарот, што, ако не е внимателно управувано, може да влијае врз перцепцијата на единство, наведува Трајкоски.

Според него, секоја мерка што ја намалува перцепцијата на цврстина во источното крило ризикува да подгрева уверување дека времето работи за Москва.

-Од таа перспектива потегот може да ја ослаби позицијата на Западот во поширокиот дипломатски наратив. Долгорочно, Москва преговара само ако перципира дека нема простор за стратешки добивки, анализира соговорникот.

Најголемиот американски контингент во Европа моментално е стациониран во Германија – околу 35.000 луѓе. На 26 септември, финскиот претседател Саули Нинисто го обвини Трамп дека ги повлекува трупите од Европа за да се фокусира на контрола на Кина во Индо-пацифичкиот регион, но додаде дека не е загрижен од овие мерки.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВП Ворлд

Еден ден откако руските сили извршија масовен ракетен и беспилотен напад врз украинската енергетска инфраструктура, Киев го возврати ударот. Трафостаници, рафинерии и термоцентрали во Русија на удар на укарински дронови. Светот мора соодветно да одговори на руското војување, рече претседателот Володимир Зеленски.

„Намалувањето на увозот на руската нафта е намалување на руските воени напори и не смее да има исклучоци за никого, вклучително и за Унгарија. И ако санкциите се одржат и зајакнат, Русија ќе изгуби најмалку 50 милијарди долари следната година. Ова може да биде силен аргумент за Русија да има мотив да ја заврши оваа војна“, изјави претседателот на Украина.

Пентагон соопшти дека може да ѝ обезбеди на Украина ракети „Томахавк“ без да ги загрози американските залихи, но конечната одлука останува на Трамп, кој претходно ги наведе залихите како причина за неиспраќање ракети со долг дострел за Киев. Додека се чека одлуката од Вашингтон, Русија продолжува со нападите низ Украина. Нови жртви и повредени во Полтава, Дњепропетровск и Чернихив. Делови од Суми и натаму без струја по руските удари врз енергетската инфраструктура.

Жестоки борби се водат и на фронтот во клучниот источен град-Покровск. Москва тврди дека украинските сили се опколени, Киев демантира-ситуацијата е тешка, но руската пропаганда е неточна.

Додека Москва јавува за пресретнати десетици украински дронови, Киев обелодени дека украинската разузнавачка управа извршила специјална операција и го онеспособила клучниот руски нафтовод „Колтсевој“ кој ги снабдува главните индустриски центри во Русија. Кремљ засега без коментар.

„Од почетокот на годината, имаме 160 успешни напади врз постројките за производство на нафта и рафинирање на нафта. Од септември и октомври годинава, 20 постројки“, изјави Васил Малиук, шеф на украинската безбедносна служба.

Во истовреме Украина соопшти дека ја усогласила работата со западните сојузници за 19-иот пакет санкции за Москва, и дека Брисел веќе го подготвуваат следниот.

Н.П.