Шефот на британската сообраќајна полиција, Џон Лавлес, денес изјави дека вооружени полицајци влегле во возот и уапсиле две лица само осум минути откако службите за итни случаи биле повикани поради инцидентот во возот за Кембриџшир синоќа.
„Двајца мажи се во притвор. Станува збор за 32-годишен Британец со темна боја на кожа и 35-годишен британски државјанин со карипско потекло. Тие се уапсени под сомнение за обид за убиство“, изјавил Лавлес, пренесува Би-Би-Си.
Од деветте лица за кои се верува дека имаа повреди опасни по живот, четворица подоцна биле пуштени од болница, а две лица остануваат во критична состојба.
„Во оваа фаза нема ништо што укажува дека ова е терористички инцидент и непотребно е да се шпекулира за причината за овој инцидент“, рекол Лавлес и ги замолил граѓаните да ја контактираат полицијата доколку имаат дополнителни информации.
Десет лица беа избодени синоќа во воз за Кембриџшир, кој е оддалечен околу 80 километри од Лондон, по што две лица беа уапсени, по што полицијата објави дека станува збор за „сериозен инцидент“ и потврди дека единиците за борба против тероризмот ќе ја поддржат истрагата.
Британската полиција во текот на ноќта објави дека работи на утврдување на околностите и мотивите на инцидентот, како и дека националниот код „Плато“ бил користен како одговор на полицијата и службите за итни случаи на инцидентот, објави утрово „Гардијан“.