МВР со детали за смртта на Кире Ѓорѓиевски – еден од осудените за случајот „27 април“

Ѓорѓиевски ја издржуваше казната во затворот во Штип

од Nikola Popovski
262 прегледи Фото: Фејсбук

Вчера почина Кире Ѓорѓиевски, осуден на 13 години затвор за претепувањето на пратеникот Зијадин Села, во случајот „27 април“. Ѓорѓиевски ја издржуваше казната во затворот во Штип.

Денеска се огласија од МВР преку соопштение во полицискиот билтен.

-На 01.11.2025 во 09:30 часот во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип е пријавено дека на осуденикот К.Ѓ.(47) од Скопје на 31.10.2025 му се влошила здравствената состојба и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што на 01.11.2025 починал. Лекар констатирал смрт без траги на насилство, а увид извршила увидна екипа, информираа од полицијата.

Веста ја објавија пријатели и познаници на Ѓорѓиевски.

„Почивај во Мир Кире! И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата“, напиша уште еден осуден за настаните од „27 април“, Горан Ангелов на социјалните мрежи.