Жерновски: Од 470 илјади гласачи во Скопје, Ѓорѓиевски има 90 илјади – во прашање е легитимитетот

-Не можам да ја сфатам пораката на новиот градоначалник на Скопје дека за 72 часа ќе го исчисти Скопје. Со тоа признава дека ѓубрето, стаорците, глувците е една наместена сцена за кога ќе дојде новиот градоначалник се да биде исчистено, порача Жерновски

од Nikola Popovski
906 прегледи

Од 470 илјади гласачи колку што има Скопје, кандидатот на кој што му честитате има 90 илјади. Тука во прашање доаѓа легитимитетот. Тоа е порака што треба да се прими, изјави вечерва членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски по завршувањето на локалните избори.

Според него, имавме кампања на тројца опозиционери – кандидатот на СДСМ, кандидатот на Левица и Орце Ѓорѓиевски, кој, како што вели, настапува поопозициски од нивните кандидати односно како опозиција на досегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

Запрашан за апелот на Левица до гласачите на СДСМ да се приклучат кон контото на гласовите на Амар Мециновиќ, Жерновски вели дека ако се оди по таа аналогија, тоа значи дека гласачите на Левица во Центар и Аеродром сфатиле дека СДСМ е посилен и гласале за него.

-Не можам да ја сфатам пораката на новиот градоначалник на Скопје дека за 72 часа ќе го исчисти Скопје. Со тоа признава дека ѓубрето, стаорците, глувците е една наместена сцена за кога ќе дојде новиот градоначалник се да биде исчистено. Да кажете дека за 72 часа ќе го исчистите, се поставува прашањето што правевте досега- имавте ваш градоначалник, ингеренции во ЗЕЛС, имате централна власт…, истакна Жерновски во емисијата на Тв Телма за локалните избори.