Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека всушност не размислува да ѝ даде на Украина ракети со долг дострел „Томахавк“.
На прашањето на новинарите во „Ер Форс Уан“ дали размислува да ѝ даде оружје на Украина, Трамп одговори: „Не, не баш“.
Пентагон го одобри испраќањето на крстосувачки ракети со долг дострел „Томахавк“ од страна на Белата куќа во Украина, откако процени дека тоа нема негативно да влијае врз снабдувањето на САД, а конечната политичка одлука е на претседателот Доналд Трамп, изјавија тројца американски и европски претставници запознаени со ова прашање, објави Си-Ен-Ен во петокот.
Трамп претходно овој месец на работен ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа изјави дека не би сакал да ѝ ги даде ракетите на Украина бидејќи му се потребни за да ги заштити Соединетите Американски Држави.
Здружениот генералштаб на американските вооружени сили ја информираше Белата куќа за својата проценка претходно овој месец, пред средбата на Трамп со Зеленски, кој ги бара ракетите за да може поефикасно да ја напаѓа нафтената и енергетската инфраструктура длабоко во Русија. Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од околу илјада километри.
Трамп неколку дена пред средбата со Зеленски рече дека САД имаат „многу „Томахавк“ што потенцијално би можеле да ѝ ги дадат на Украина.