БАНКИ: Добивката намалена, нефункционалните кредити на домаќинствата зголемени !

Се „стопи“ профитот на банкарскиот сектор во државата но и натаму бизнисот останува стабилен, со подобрена солвентност и добра ликвидност

од Vladimir Zorba
50 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Се „стопи“ профитот на банкарскиот сектор во државата но и натаму бизнисот останува стабилен, со подобрена солвентност и добра ликвидност. Првото економско полугодие од годинава за вкупниот банкарски сектор донесе намалување на добивката – пред се поради пораст на оперативните трошоци за дури 10,7%  во однос на првото полугодие од лани.

„Добивката остварена во првите шест месеци од 2025 година е помала за 3,2% во споредба со истиот период од претходната година. Растот на оперативните трошоци (10,7%) имаше најголем придонес во намалувањето на добивката, заедно со малиот пад на нето каматните приходи (0,4%), како најзначајна приходна категорија на банките“ – се наведува во новиот полугодишен извештај „Ризиците на банкарскиот сектор“ што го објави НБ.

Фото: Принтскрин

Анализата покажала дека кредитното портфолио на банките го задржало квалитетот но се нотира пораст на нефункционалните кредити на приватниот односно нефинансискиот сектор. Иако е забележан тренд на пораст на нефункционалното портфолио на домаќинствата по основ на потрошувачки кредити, тоа не предизвикало влошување на  вкупните нефункционални кредити.

„Нефункционалните кредити на нефинансиските субјекти малку се зголемија, но тоа немаше влијание врз стапката на нефункционални кредити, којашто, при висок кредитен раст, се намали до историски најниското ниво од 2,4%. Кварталниот раст на нефункционалните кредити на нефинансиските субјекти произлегува од зголемувањето на нефункционалните потрошувачки кредити, што при висок раст на вкупните кредити на домаќинствата, не предизвика влошување на стапката на нефункционални кредити, којашто остана иста (2,4%). Нефункционалните кредити на претпријатијата се намалија, со што стапката на нефункционални кредити се спушти до нов историски минимум од 2,5%“ – соопштува НБМ.

За три месеци износот на нефункционални кредити се зголемил за 2,58 милиони евра а стапката на удел на вкупното нефунционално портфолио на пресекот од првото полугодие изнесувала 2,5%. Иако порастот на нефункционалните кредити е  регистриран во секторот “домаќинства“ анализирано од аспект на уделот, доминанти остануваат нефункционалните кредити на компаниите.

„Најголема концентрација на нефункционални кредити кај нефинансиските друштва има кај кредитите за тековно работење на претпријатијата (други кредити и кредити за обртни средства) или околу половина од нефункционалното корпоративно кредитно портфолио се однесува на „други кредити“  – се наведува во извештајот.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Кредити и депозити

Според последните достапни податоци од НБ , заклучно со септември , вкупната кредитна изложеност на банките надмина 8,64 милијарди евра додека салдото на вкупните депозити достигна 10,2 милијарди евра.

Домашниот банкарски сектор останува стабилен а граѓаните и натаму демонстрираат висок степен на доверба – оцени неодамна гувернерот Трајко Славески.

„И покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем. Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат” – рече гувернерот.

Во септември, годишниот раст на вкупните депозити изнесувал 13,2% додека месечниот 0,3% но “моторот “ на овој пораст биле депозитите на домаќинствата, додека кај депозитите на компаниите забележан е месечен пад од 2%.  Во истиот анализиран период кредитите на годишно ниво се зголемиле за 13,5% а на месечно ниво растот изнесувал 0,9%.

Д.А.