Секое петто дете живее во војна: Во овие земји ситуацијата е најлоша

Се проценува дека 520 милиони деца низ целиот свет живееле во конфликтни зони во 2024 година, 47 милиони повеќе од претходната година и најголем број регистрирани од 2005 година, според извештајот на „Save the Children“ објавен денеска.

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ SaveTheChildren

Се проценува дека 520 милиони деца низ целиот свет живееле во конфликтни зони во 2024 година, 47 милиони повеќе од претходната година и најголем број регистрирани од 2005 година, според извештајот на „Save the Children“ објавен денеска.

Хуманитарната група соопшти дека ова значи дека едно од пет деца ширум светот живеело во активни конфликтни зони во 2024 година.

Во извештајот се вели дека само минатата година се потврдени 41.763 „тешки кршења на правата на децата“, што е зголемување од 30 проценти во однос на 2023 година и рекордно високо ниво.

Повеќе од половина од вкупниот број на тешки кршења се случиле само во четири региони: палестинските територии окупирани од Израел, Демократска Република Конго, Нигерија и Сомалија.

Во март 2024 година, шефот на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA) објави на платформата X, повикувајќи се на податоци од ОН, дека нападите на израелската војска врз Појасот Газа „убиле повеќе деца во Газа за четири месеци отколку за четири години во сите конфликти низ целиот свет“.

Во извештајот на „Save the Children“ се забележува дека се регистрирани вкупно 61 конфликт на државно ниво, што значи оние во кои барем една завојувана страна била државна влада, што е најголем број од 1946 година.

Флоријан Вестфал, извршен директор на „Save the Children“ во Германија, повика на итна политичка акција. Во време на глобално воено јакнење, заштитата на децата мора да биде во срцето на безбедносната политика, рече тој, додавајќи дека е скандалозно што владите трошат повеќе за оружје отколку за заштита на децата во конфликтните зони.

Извештајот се базира на податоци од Институтот за истражување на мирот (PRIO) со седиште во Осло и извештаите на Обединетите нации.

Конфликтните зони се дефинираат како области во радиус од 50 километри од место кое доживеало барем еден „конфликтен инцидент“ во дадена година.