„Неколкуте оставки не се доволни кога проблемот лежи во лидерството на Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за СДСМ

Додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ покажува дека „има слух за сите граѓани, дури и за оние кои одлучија да не ја дадат својата поддршка никому“

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Со овие резултати, опозицијата е длабоко поразена. СДСМ и ДУИ мора сериозно да се консолидираат и реформираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ За изборниот резултат. Од партијата на Христијан Мицкоски велат дека потребна е конструктивна опозиција, заснована на аргументи и поддршка за реформи, а не на деструктивни политики и пракси како во времето на СДСМ и ДУИ.

-Во СДС, неколкуте оставки не се доволни кога проблемот лежи во лидерството на Венко Филипче, човек кој беше дел од најкриминалната и најкорумпираната власт во поновата историја на Македонија. Додека тој ја води партијата, СДС ќе остане на дното, а овие избори се доказ дека граѓаните го испратија во историјата, порачуваат од „Белата палата“.

Оттаму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ покажува дека има слух за сите граѓани, дури и за оние кои одлучија да не ја дадат својата поддршка никому.

-Новото раководство ќе работи на тоа да ја заслужи нивната доверба преку вистински промени, конкретни реформи и подобрување на животниот стандард.

Затоа што граѓаните заслужуваат повеќе, заслужуваат власт која ќе се бори за нив, а не против нив, наведуваат во партиското соопштение.

Со 54 освоени градоначалнички мандати, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори. Партијата што ја предводи Мицкоски, освои 13 градоначалници повеќе во однос на минатите изборите.