Експертите согласни: Извештајот на ЕК потврди дека во Македонија има стагнација во делот на недискриминација и човекови права

Случаи на говор на омраза бележиме со години наназад, но воопшто не констатираме напредок затоа што недостасуваат санкции, вели за „Локално“ Уранија Пировска, првиот човек на Хелсиншки комитет за човекови права во земјава

од Бисера Трајковска
32 прегледи

Македонија се уште не е усогласена со европските вредности, кога станува збор за човекови права и заштита од дискриминација. Ова го потврди и извештајот од ЕУ, каде што се нагласува дека земјата го одложува усогласувањето на принципите на недискриминација во сите релевантни закони. Зошто државата се соочува со системски слабости и која е суштинската кочница кога станува збор за спроведување на реформи по однос на заштита на човековите права?

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска се согласува дека постои стагнација во делот на недискриминација и човековите права.

-Апсолутно е точно дека имаме стагнација во делот на недискриминација и човековите права. Ние во еден период тргнавме неколку чекори напред, меѓутоа сега со измени на законите за основно и за средно образование, каде што се исфрлени содржини поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје и родовата еднаквост, ние се враќаме назад. Голема група граѓани се дискриминирани по повеќе основи, вели Пировска.

Таа за „Локално“ вели дека и за време на последните локални избори имаше зголемен процент на случаи на говор на омраза, најмногу по етничка и политичка афилијација.

-Ова значи дека ние не сме направиле никаков напредок во однос на тоа што значи негување на различностите, толеранција и разбирање. Станува збор за прашање кое не може да се реши само со една акција или од страна на еден чинител. Тука треба да се вклучи и образовниот систем, затоа што кај нас образовниот систем воопшто не одговара на реалноста и не ги опфаќа сите оние различни групи кои што живеат во нашето општество, додава Пировска.

Оттука, како што посочува, во државата постојат етнички поделби, големи разлики и недоразбирање помеѓу младите.

-Во државата се оценува дека најголемиот број на случаи на кривични дела и инциденти од омраза на припадници од двете етнички заедници се млади луѓе. Ова говори за тоа дека постои голем јаз и дискриминаторски однос, напомена Пировска.

Таа потенцира дека говорот на омраза е феномен поврзан со дискриминација. 

На последните локални избори, освен говор на омраза по етничка и политичка афилијација, Пировска посочи дека и жените многу често беа на удар.

Фото: Фејсбук/Уранија Пировска

-Родово базираниот говор на омраза секогаш е присутен. Кога имате жени кандидатки или жени јавни личности кои што за време и пред изборите се повеќе истакнати во јавноста, се забележува говор на омраза со сексуална конотација, коментирање на нивниот изглед, на нивниот статус, на тоа дали имаат или немаат деца. Ова е нешто што никогаш нема да го забележите кога станува збор за припадниците на машкиот пол, додава таа.

Како што посочува, Хелсиншкиот комитет за човекови права вакви ситуации на говор на омраза бележи со години наназад, но воопшто не констатира напредок, затоа што недостасуваат санкции.

-Ние имаме само околу пет до шест пресуди во Македонија за говор на омраза, што не е одраз на реалната фактичка состојба, додава Пировска.

Европската Унија во извештајот нотира дека говорот на омраза базиран на род, вклучително и закани кон бранителките на човековите права, останува широко распространет, особено на социјалните мрежи.

-Да, тоа е точно. Ние кои што работиме на заштита на правата на маргинализираните заедници секогаш сме на удар, а најчесто заканите се случуваат на социјалните мрежи. Говорот на омраза генерално е најмногу распространет на социјалните медиуми, меѓутоа тука е и моментот на активностите на антиродовите движења, кои што исто така се многу активни во Македонија. Тие се оние кои ја подгреваат омразата кон сите се занимаваат со заштита на правата на маргинализираните заедници, вели Пировска.

Според Пировска, не може да се каже дека Македонија има лоша легислатива, но законите не се почитуваат како што треба.

-Кај нас, говорот на омраза не се санкционира, што значи дека на некој начин се дозволува, се толерира. Граѓаните не се свесни дека тоа е нешто што е казниво со закон, додава Пировска.

Извршната директорка на Институт за човекови права, Јелена Кадриќ за „Локално“ информира дека Владата формираше Националното координативно тело за следење на состојбата со недискриминација, кое треба да се занимава со реализирање и спроведување на сите обврски што се од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Сепак, како што додава, ова тело иако е формирано пред една година, се одржа само еден состанок.

-Првата конститутивна седница на Националното координативно тело за следење на состојбата со недискриминација и реализација на закони, подзаконски акти и стратешки документи се одржа на 12 февруари 2025 година. Имаше еден состанок потоа, меѓутоа ништо од тогаш не е преземено, додаде Кадриќ.

Таа посочува дека од тоа тело зависат акциските планови и спроведување на некои стратегии по однос на законот. Институтот за човекови права е член на ова тело.

Фото: Фејсбук/Јелена Кадриќ

Исто така, посочува Кадриќ, проблемот е и во тоа што минатата година се донесоа законски измени во основното и средно образование.

Таа го спомена и случајот кој што заврши во Стразбур поврзан со напаѓање на Ром во Македонија, при шту судот во Стразбут пресуди дека во државата постои сегрегација на ученици Роми.

Сепак, потенцира, државата не ги исполни до крај препораките што ги доби од Стразбур.

-Во Законот за образование не се вградија одбредбите кои што ќе значат исполнување на препораките што ги даде Стразбур. Колку останатите институции ги спроведуваат оние препораки за недискриминација, тоа ќе требаше да го следи телото, но бидејќи не фукнционира, немаме информации дали нешто е спроведено од самото Министерство, вели Кадриќ.

Б.Т.