Пандовски: Состојбата во Македонија во поглед на владеење на правото и борбата против корупцијата и понатаму е многу лоша

-Ваквата состојба им одговара на вршителите на јавни функции и одолговлекувањето на донесувањето на измените на Кривичниот законик е резултат на ваквиот конформизам на институциите, вели за „Локално“ првиот човек на Транспаренси Интернешнл во земјава

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Состојбата во Македонија во поглед на владеење на правото и борба против корупцијата и понатаму е многу лоша. Последниот извештај на ЕК и делот за правосудството и борбата против корупцијата само го потврдува овој факт кој граѓаните секојдневно го чувствуваат“ – ваков е ставот на Транспаренси Интернешнл – Македонија за официјалниот документ од Брисел во однос на напредокот на земјава на патот кон ЕУ.  Според првиот човек на ТИ- Македонија, Благоја Пандовски, ефикасноста на обвинителството и судовите се само еден од сегментите кои треба да се подобрат за да имаме ефикасна борба против корупцијата и да можеме да зборуваме за владеење на правото.

Од друга страна, вели тој во разговор за „Локално“, сведоци сме дека извршната и законодавната власт преку креирање и донесување на буџетот веќе со години наназад не овозможуваат нови вработувања во овие институции, ниту пак им го овозможуваат минималниот буџет гарантиран со закон.

-Тоа овозможува и онака неефикасните обвинителства и судови да работат со намален интензитет и да немаме ефикасна борба против криминалот и корупцијата. Од друга страна скандалите кои постојано го пратат нашето општество, како што е последниот поврзан со претходниот претседател на ДКСК кој беше споменат и во извештајот, придонесуваат граѓаните уште повеќе да немаат доверба во институциите и да се сведоци на нивното нефункционирање. Транспарентноста или отсуството на истата на институциите кои треба да бидат во првите редови во борбата против корупцијата, е уште еден проблем наведен во извештајот на ЕК. Се додека државата не најде решенија за подобрување на транспарентноста и отчетноста на институциите пошироката јавност нема да има увид во нивното работење и нема да бидеме целосно свесни за нивната работа и проблемите со кои се соочуваат истите, истакнува Пандовски.

Според него, јасно дефинирање на кривичните дела поврзани со корупцијата, и определување на високи казни за сторителите на овие дела се првиот чекор во борбата против корупцијата. Пандовски тврди дека со измените на КЗ поврзани со кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, и практичното осакатување на овој член се овозможи голем број на кривични дела поврзани со корупцијата да застарат, а се овозможува и делата кои се сторени во изминатиот период и се случуваат во моментов, а треба допрва да се гонат да имаат помал законски рок на застарување.

-Имам чувство дека ваквата состојба им одговара на вршителите на јавни функции и од извршната и од законодавната власт и одолговлекувањето на донесувањето на измените на Кривичниот законик е резултат на ваквиот конформизам на институциите. Од друга страна процесот на измените на кривичниот законик кој го преводи Министерството за Правда е целосно нетранспарентен , а текстот на работната верзија на измените која  во моментов би требала да постои не е објавен на страницата на ЕНЕР, посочува претседателот на ТИ-Македонија.

На овој начин, додава тој, се создава двојна негативна спрега во борбата против корупцијата, а тоа е од една страна десеткувани судови и обвинителства, без доволен број на судии и обвинители кои водат спори постапки а од друга страна Кривичен Закон кој предвидува побрзо застарувањее на делата поврзани со корупцијата.

-Сите препораки како на домашните така и на странските чинители се во таа насока дека во најбрз период ваквите измени мора да се случат. Се додека тоа не се случи не можеме да зборуваме за напредок во борбата против корупцијата, истакнува Пандовски.

„Извештајот за напредокот на државава во евроинтеграциите е најлош досега. Нема напредок во ниту една област, дури и назадуваме“ – оценка на првиот социјалдемократ Венко Филипче. Смета дека реформската агенда не се спроведува, а институциите се парализирани. Нацрт-резолуцијата за црвените линии сè уште не е доставена во Собранието. Филипче очекува дијалог со останатите политички чинители, истата да биде надоградена. Лидерот на СДСМ вели дека не алудира на лидерска средба.

Од ВМРО-ДПМНЕ му вратија дека игра бугарско сценарио. Владеачката партија порача – вакви извештајчиња ќе продолжат се до наоѓањето на решение со официјална Софија.

-Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат се додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и не охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Извештаите за земјите-кандидатки покажа деликатен напредок со одредени стагнирање. Извештајот за Македонија нагласува дека „корупцијата останува распространета во многу области и претставува сериозна загриженост“. Дополнително, кредибилитетот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) е доведен во прашање по подигнувањето обвинение и оставката на нејзината претседателка. Комисијата забележува дека случаите на корупција на високо ниво „често доживуваат одложувања, застаруваат или резултираат со минимални казни“.

„Потребни се реформи кои даваат видливи резултати и со кои расте подготвеноста на кандидатките за приклучување во ЕУ. Не може да си дозволиме да има проширување со неподготвени земји. Темпото на прием на нови членки ќе се диктира со подготвеноста во основните области, владеење на правото и реформа на јавната администрација. Сепак единствен начин за одење напред со евроинтеграцијата за Македонија се уставните промени“, укажаа од канцеларијата на еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Н.П.