Се чека напредок за уставните измени, но постои сериозна можност да се обнови дијалогот и да се продолжи со оваа клучна обврска, порача Рокас

Задачата пред нас е јасна и работата треба да почне веднаш без одложување, бидејќи сакаме да ја видиме Северна Македонија како го искористува овој момент. ЕУ е на ваша страна во овој процес, но одговорноста мора да остане ваша, порача Рокас.

од Vladimir Zorba
82 прегледи

Задачата пред нас е јасна и работата треба да почне веднаш без одложување, бидејќи сакаме да ја видиме Северна Македонија како го искористува овој момент. ЕУ е на ваша страна во овој процес, но одговорноста мора да остане ваша, порача евроамбасадорот, Михалис Рокас на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2025 година.

Според евроамбасадорот, Извештајот доаѓа во многу важен момент за европскиот пат на земјава.

-Како што кажа и комесарката Марта Кос, се соочуваме со брзопроменлив геополитички пејсаж и само со обединување на Европа ќе можеме да обезбедиме мир, слобода и просперитет на нашиот континент. Ова е наша заедничка цел, изјави Рокас.

Извештајот, посочи тој, ги дава потребните препораки за земјата да се одржи цврсто на патот кон ЕУ.

-Сега е време да се искористи приликата да се забрзаат реформите и да се спроведуваат малку поодлучно. Споредно со минатогодишниот извештај, како што беше споменато од премиерот, постигнат е одреден напредок, но сепак се потврдува потребата за поголема политичка посветеност, нагласи Рокас.

Нема напредок, нагласи Рокас, во судските реформи и борбата против корупцијата.

-Ова останува од суштинско значење да се направи. Ова не се само одредници, туку темел за довербата на граѓаните и за европската иднина на државата. Трета година по ред во оваа овласт нема значителен напредок, а сепак токму тука една нова посветеност може да направи една голема разлика. Да се обезбеди финансиската независност на судството, ослободени од мешање. Тоа ќе биде клучно за да се врати довербата на јавноста и да се продолжи со реформите. Затоа ќе биде потребно и соодветно финансирање, што значи дека е потребно зголемување на средствата во нацрт буџетот за 2026 година за да се спроведат реформите и амбициите на земјата, порача Рокас.

Во однос на борбата против корупцијата, евроамбасадорот, нагласи дека е потребно да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките од Уставниот суд.

-Битно е да се надминат политичките поделби, да се забрзаат реформите и да се заврши со именувањата и назначувањата. Се уште се чека напредокот на полето на уставните измени, но постои сериозна можност да се обнови дијалогот и да се продолжи со оваа клучна обврска, порача Рокас.

Го поздравуваме фактот, нагласи Роакс, што државата работи на патоказите за владеење на правото, јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и акцискиот план за заштита на малцинствата што, како што рече, се клучни подготвителни чекори за отворање на класерот Основи.

-Со нетрпение очекуваме да видиме усвојување на овие документи до крајот на годината, за да можеме да продолжи со интегративниот процес. Кога станува збор за политиките, реформите се бавни, но сепак се истакнува извесен напредок во одредени области кој што ги спомена и самиот премиер, изјави Рокас.

Може да бидете сигурни, нагласи Рокас, дека дека брзото проширување е наш приоритет и наша цел, особено во тековниот геополитички контекст и порача дека „го цениме фактот дека земјата останува усогласена со безбедносната и надворешната политика на ЕУ“ во однос на руската агресија против Украина.

-Ова покажува дека земјата продолжува да биде сигурен и доверлив партнер што ги споделува вредностите и приоритетите на ЕУ, порача Рокас.