Членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски со свој став откако ВМРО-ДПМНЕ го услови Извештајот на ЕК за напредокот на земјава на патот кон ЕУ како „извештајче“. Тој упати критика кон премиерот Христијан Мицкоски.
„Еден толку битен за државата документ како Извештај на Европската комисија да се дрзнеш да го наречеш “извештајЧЕ”, треба да си незрело премиерЧЕ“, стои во пораката на Жерновски.
По објавата на годишниот извештај на Европската комисија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ документот од Брисел го нарече „извештајче“, оценувајќи дека е дел од „политички условувања и притисоци“ и дека вакви и слични „извештајчиња“ ќе продолжат додека не се затвори спорот со Бугарија.
Партискиот центар за комуникации ја надгради тезата: Македонија „ќе продолжи со реформите на европскиот пат“ независно од „условувањата“, додека критиките од домашната опозиција (СДСМ) за „најлош извештај во последна деценија“ беа отфрлени како дел од „бугарско сценарио“.
„Ако ги направевме уставните измени ќе бевме најдобри, за потоа да добиеме ново вето и повторно да има нови проблеми“, ова е ставот на премиерот Мицкоски кој од евроамбасадорот Михалис Рокас го доби извештајот за напредокот во кој повторно се повикува земјава да ги направи уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата. Тој рече дека извештајот не е оценка за една година или за една Влада, туку за континуитетот на реформските процес, и е задоволен од она што стои во документот – вели, во некои области има одреден или ограничен напредок, во некои добар напредок, а во ниту една област нема назадување. Сепак, Мицкоски признава дека во дел од областите има стагнација, како што се владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата, за што се потребни реформи во правосудството.