ДУИ: И да е вистина дека сме многу пред Албанија во евроинтеграциите, заслугата е на нашата претходна Влада

ДУИ за Извештајот на ЕК: „Една од најтешките пораки е дека процесот на европска интеграција е блокиран токму од актуелната Влада, која не презеде ниту еден чекор за спроведување на уставните измени договорени со ЕУ“

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Фејсбук страница на ДУИ

Демократската унија за интеграција реагира на Извештајот на Европската комисија за земјава, кој претставува, како што велат, најкритички документ во последните години и потврдува изразен регрес на земјата во процесот на европска интеграција. Според ДУИ, Извештајот посочува на целосно отсуство на напредок во владеењето на правото и во борбата против корупцијата, каде што корупцијата на високо ниво останува неказнета, а политичкото влијание врз судството и понатаму е присутно.

-Комисијата констатира дека клучните институции се парализирани, јавни функционери се мешаат во работата на независните тела, додека реформите во правосудството остануваат само на хартија.

Една од најтешките пораки во извештајот е дека процесот на европска интеграција е блокиран токму од актуелната влада, која не презеде ниту еден чекор за спроведување на уставните измени договорени со ЕУ. Како резултат на тоа, земјата нема отворено ниту едно поглавје од преговорите и не се движи напред кон членство, тврдат од ДУИ.

Од партија нагласуваат дека Извештајот алармира и за:

– пад на демократските стандарди и екстремен политички поларитет,

– притисоци врз медиумите и недоволна заштита на новинарите,

– ослабена борба против корупцијата, вклучително и скандали со трагични последици,

– застој во заштитата на правата на граѓаните и нефункционална администрација.

ДУИ го смета овој извештај како официјален доказ за неуспехот на актуелната влада, која, како што објаснуваат, со својата неспособност, недостаток на визија и со институционалната заробеност ја изгуби поддршката од меѓународните партнери и ја врати земјата назад во евро-атлантскиот процес.

-Демократската унија за интеграција останува политичката сила што ја внесе земјата во НАТО и ги отвори преговорите со ЕУ. Ќе преземеме сите институционални чекори за ослободување на интегративниот процес од денешната блокада и за враќање на јасната европска насока на државата.

Граѓаните не се задоволуваат со патетичните изјави на премиерот Мицкоски дека „сме многу пред Албанија во европската интеграција“, бидејќи дури и ако тоа е вистина, заслугата е на нашата претходна влада која ги презеде клучните чекори за деблокирање на евро-атлантските интеграции, стои во партиското соопштение.