„Зошто, како бугарски министер, потпишувате договор на англиски јазик со луѓе кои го разбираат и зборуваат нашиот јазик“. Писмо со ваков наслов испратила бугарската партија ВМРО-БНД до тамошниот министер за транспорт и врски по Договорот меѓу Македонија и Бугарија за меѓуграничен железнички тунел кој што е дел од Коридорот 8.
Организацискиот секретар на партијата, Александар Сиди испратил писмо до министерот Караџов во кој што стои:
„Кога потпишувате договор за финансирање на градилиште, на пример во Бургаската област, дали го потпишувате и на англиски јазик? Според сите документи од Институтот за бугарски јазик на Бугарската академија на науките, како и од сите водечки универзитети во земјата и странство, тие се категорични дека јазичната норма на која луѓето зборуваат и пишуваат во РСМ е дијалектна форма на бугарскиот јазик. Затоа, категорично не разбирам, особено со оглед на фактот дека официјалниот бугарски став не се разликува од научниот, зошто вие, како бугарски министер, потпишувате договор на англиски јазик со луѓе кои го разбираат и зборуваат нашиот јазик“, прашува Сиди во писмото.
ВМРО-БНД инсистира дека „механизмот за донесување одлуки во врска со потпишувањето на предметниот Договор со Македонија на англиски јазик да биде јавно објавен и да се преземат сите потребни чекори за повторно потпишување на овој документ на начинот опишан во Договорот за добрососедство од 2017 година“.
Договорот за изградба и оперативност на железничкиот тунел на Коридор 8, вчера во Ѓуешево го потпишаа заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов.
Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.