Советот на амбасадори бара нов Кривичен законик и повеќе реформи со активно вклучување на опозицијата

-Особена важност имаат препораките поврзани со владеењето на правото, независноста и финансиската автономија на судството, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, каде е нотирано дека нема напредок, велат од Советот на амбасадори за последниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Х/Принтскрин

Советот на амбасадори со особено внимание го проследи Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија за 2025 година. Во овие околности, велат оттаму, наодите на Европската комисија добиваат засилена важност како ориентир за динамиката и насоката на реформскиот процес, со цел кредибилно одржување на европската перспектива на државата и изнаоѓање модел за продолжување на евроинтегративниот процес.

-Советот го поздравува нотираниот напредок во неколку области. Особено ја истакнуваме целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, склученото партнерство со ЕУ во областа на безбедноста и одбраната, продолжената поддршка на Украина, како и активното учество во меѓународни и ЕУ мисии и операции за управување со кризи. Ова претставува јасна демонстрација на стратешката определба на земјата кон европските вредности, засилен дијалог и партнерство.

За поздравување е и усогласувањето со ЕУ регулативата во областа на платежните услуги и пристапувањето кон СЕПА (Single Euro Payments Area), како и нотираниот добар напредок во дигитализација на процесите и јакнење на оперативните и административни капацитети на царинските институции. Позитивно е оценето и унапредувањето на научно истражувачката инфраструктура преку учество во програмите на Унијата и воспоставувањето на Европски дигитален иновациски хаб, како и учеството во регионални иницијативи за соработка. Советот изразува задоволство и од позитивниот развој во соработката со граѓанското општество, преку повторното активирање на 1 Советот за соработка помеѓу Владата и невладиниот сектор, што претставува важна основа за поинклузивен процес на креирање политики, велат од Советот на амбасадори.

Паралелно со констатираните состојби во овие сегменти, Советот на амбасадори со особено внимание ги проследи наодите од Извештајот кои упатуваат на потребата од засилен интензитет на реформите и конкретни резултати во повеќе критични области.

-Особена важност имаат препораките поврзани со владеењето на правото, независноста и финансиската автономија на судството, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, каде е нотирано дека нема напредок. И покрај извесни формални чекори, суштински системски слабости продолжуваат да го ограничуваат независното и ефикасно функционирање на правосудниот систем, што ја нагласува потребата од континуитет, доследност и резултати во реформските процеси.

Независноста, професионалноста и отчетноста на судските институции остануваат клучен приоритет во процесот на приближување кон ЕУ. Оттука, Советот ја повикува Владата и Парламентот на интензивирање на заложбите за зајакнување на институциите и навремено усвојување и имплементација на стратешките документи во оваа област. Од суштинско значење е донесување нов Кривичен законик усогласен со законодавството на Европската Унија (EU acquis) и меѓународните стандарди, јакнење на капацитетите на Јавното обвинителство, и обезбедување мерливи резултати во истрагите, обвиненијата,  судските постапки и конфискацијата на имот, особено во случаи на корупција на високо ниво, се додава во ставот на институцијата.

Советот на амбасадори укажува на важноста од интензивирање на реформите во јавната администрација со цел обезбедување стручна, професионална и кредибилна јавна служба, како и зајакнување на транспарентноста и отчетноста во усвојувањето на политиките и законските решенија. Реформите бараат активно вклучување на опозицијата, граѓанското општество и експертската јавност, засновано на дијалог и инклузивност.

За забрзување на евроинтегративниот процес, Советот очекува и понатамошно јакнење на институционалната преговарачка структура, административните капацитети и меѓуинституционалната координација, како и развивање на експертизата во државната администрација во доменот на EU acquis.

Советот на амбасадори нагласува дека успехот во евроинтеграцијата на земјата зависи од конзистентноста, транспарентноста и динамиката на реформите – како во клучните „фундаментални“ области, така и во секторите кои ја обезбедуваат конкурентноста и инклузивноста на економијата. Во таа насока, повикуваме на засилен фокус врз реформските процеси и постигнување конкретни и мерливи резултати: функционално и независно судство, ефикасна и професионална администрација, навремено транспонирање и ефективна имплементација на EU acquis, како и забрзана реализација 2 на Реформската Агенда со цел навремено и целосно искористување на 750,4 милиони евра наменети за земјата во рамките на ЕУ Планот за реформи и раст за Западниот Балкан.