Коалицијата ВЛЕН им упати најискрени честитки на граѓаните и институциите на Република Косово за успешното завршување на локалниот изборен процес, што уште еднаш ја демонстрираше, како што велат, демократската зрелост, институционалната стабилност и високата политичка култура на државата Косово.
-Во исто време, му упатуваме најискрени честитки на премиерот на Република Косово, Албин Курти, за извонредниот резултат на Движењето Самоопределување, кое излезе како победник во 7 општини на државно ниво на неодамна завршените локални избори.
Овој голем успех е доказ за непоколебливата верба на граѓаните на Косово во визијата за фер, одговорно и чесно управување што го претставува Самоопределување под водство на премиерот Курти, додаваат од коалицијата составена од неколку партии од албанскиот блок во Македонија.
Според ВЛЕН, големата победа во Косовска Митровица има посебно значење. Велат дека го симболизира целосното проширување на суверенитетот на Република Косово на целата нејзина територија и ја потврдува посветеноста на граѓаните кон евроатлантската иднина на земјата.
-ВЛЕН им посакува на премиерот Курти и на Движењето Самоопределување понатамошен успех во зајакнувањето на државата, консолидирањето на институциите и продлабочувањето на меѓуалбанската соработка, стои во соопштението на коалицијата.