„Љупчо Путер Николовски, кој во својата кариера остана запаметен по гломазно презентираната акција за заплена на стотина килограми путер, не е релевантен да зборува на ниту една тема, особено не на тема корупција“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на обвинувањата од пратеникот на СДСМ по коруптивниот скандал во Платежната агенција и најавите дека ЕУ можно е да ја стопира исплатата преку ИПАРД програмата.
Сега, за разлика од времето на СДСМ, тврдат од партијата на Христијан Мицкоски, одговорност има за секој сторен криминал.
-Одговорноста во случајот со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието е брза и недвосмислена. Во време на СДС одговорноста беше мисловна именка, дури и кога доказите излегуваа во јавност, СДС ги бранеше своите функционери и до последен момент овозможуваше тие здружно да ја крадат државата.
Во врска со манипулациите дека ИПАРД средствата се запрени, одговорно тврдиме дека е лага. Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на коишто сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел.
Веднаш по акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата, а потоа се ќе продолжи во планирана динамика, стои во соопштението од најголемата владеачка партија.