Вицепремиерот за добро владеење и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Фетаи синоќа порачал дека како Влада не се откажале од уставните измени, како одговор на најновиот извештај на ЕК за напредокот на земјата на патот кон ЕУ.
„Не се откажавме од уставните измени или од европската агенда. Имавме изборен процес кој траеше 3 месеци и тоа е сосема природно. Сигналите од Брисел се јасни, нема изненадувања. Верувам дека по завршувањето на локалните избори треба да седнеме како коалициски партнери и да го дефинираме патот напред, да ги добиеме потребните гаранции дека нема да има дополнителни услови и да продолжиме напред“, рекол Фетаи.
Според него, ова е ставот на Владата и во овој поглед верува дека ќе седнат и ќе ги дефинираат следните чекори.
„Очекуваме дека дијалогот со Софија и Европската Унија и земјите-членки ќе започне многу брзо за да се најдат модалитети што ќе ни овозможат да го продолжиме нашиот европски пат за отворање преговори со ЕУ“, рекол, меѓу другото, Фетаи гостувајќи во дебатна емисија.