Арсовска за Ѓорѓиевски: „Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот“

„Исто и со име и презиме сите 400 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници“, му порача Арсовска на Ѓорѓиевски за отпуштањата во јавните претпријатија под капата на Град Скопје

од Nikola Popovski
230 прегледи Фото: Фејсбук профил на Данела Арсовска

„Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш“ – вака му порача претходната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска на сегашниот Орце Ѓорѓиевски. Таа притоа објави и фотографија од Ѓорѓиевски порачувајќи му:

„Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот“.

Ваквата нејзина реакција следува откако вчера новиот градоначалник на Скопје соопшти дека долгот на јавните градски претпријатија надминува 300 милионо евра.

„Исто и со име и презиме сите 400 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници. Нека не ти пишува Луке соопштенија за да се пресметуваш, ниту твоите полусветови ботовски да ме навредуваат, бидејќи знае народ дека лажеш. Ако сакаш како маж да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“, се додава во реакцијата на Арсовска.

„500 лица до денес се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави синоќа Ѓорѓиевски.

Најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.

Освен што се отуштени од работа, Ѓорѓиевски кажа дека веќе се консултирал со експерти кои ќе работат на тоа овие средства да бидат вратени, но да има и одговорност и за раководителите на секторите и за директорите кои што потпишувале и кои го овозможиле целиот тој процес.

Како што кажа градоначалникот, најмногу отстранети лица има во ЈП „Паркови и зеленило“ и во ЈП „Комунална хигиен“, а отпуштени има и во ЈП „Дрисла“, „Водовод и канализација“ и други јавни претпријатија.