Европската комисија (ЕК) истражува начини да ги принуди земјите-членки на Европската унија (ЕУ) да ги исклучат Huawei Technologies Co. и ZTE Corp. од нивните телекомуникациски мрежи, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.
Потпретседателката на Комисијата, Хена Виркунен, сака да ја претвори препораката на ЕК од 2020 година за прекин на користењето на добавувачи со висок ризик на мобилните мрежи во законска обврска, велат изворите, зборувајќи под услов на анонимност бидејќи разговорите се доверливи.
Иако одлуките за инфраструктурата се на националните влади, предлогот на Виркунен ќе ги принуди земјите од ЕУ да се придржуваат кон безбедносните упатства на Комисијата. Доколку препораките станат правно обврзувачки, земјите-членки кои нема да се придржуваат би можеле да се соочат со прекршочни постапки и финансиски казни.
ЕУ сè повеќе се фокусира на ризиците што ги претставуваат кинеските производители на телекомуникациска опрема, бидејќи трговските и политичките врски со вториот најголем трговски партнер на ЕУ се влошуваат. Постојат загрижености дека предавањето на контролата врз критичната национална инфраструктура на компании со толку блиски врски со Пекинг би можело да ги загрози интересите на националната безбедност.
Виркунен истражува начини за ограничување на употребата на кинески добавувачи на опрема во фиксните мрежи, додека земјите се залагаат за брзо распоредување на најсовремени оптички кабли за проширување на пристапот до брз интернет.
Комисијата, исто така, разгледува мерки за обесхрабрување на земјите надвор од ЕУ да се потпираат на кинески добавувачи, вклучително и со задржување на финансирањето во рамките на програмата Global Gateway за земјите што користат грантови за проекти што вклучуваат опрема на Huawei, велат изворите.
„Безбедноста на нашите 5G мрежи е клучна за нашата економија“, рече портпаролот на Комисијата, Томас Рејниер, одбивајќи да коментира за евентуална забрана.
Huawei не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Присилното отстранување на безбедна и висококвалитетна кинеска телекомуникациска опрема од некои земји не само што го забави нивниот сопствен технолошки напредок, туку предизвика и значителни економски загуби“, рече Лин Џиан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на редовниот брифинг денеска. „Политизирањето на економските и трговските прашања под изговор на безбедноста ќе го попречи технолошкиот напредок и економскиот развој“.
Акциите на финскиот производител на телекомуникациска опрема Nokia пораснаа за 2 проценти денеска во Хелсинки. Акциите на шведскиот конкурент Ericsson пораснаа за 1,5 проценти во Стокхолм.
Загриженоста за Huawei и ZТЕ повторно се појави во Европа, а Германија и Финска размислуваат за построги ограничувања за кинеските добавувачи, според Bloomberg. Додека земји како Велика Британија и Шведска пред години ја забранија употребата на кинески добавувачи, други како Шпанија и Грција продолжуваат да им дозволуваат на кинеските добавувачи влез во нивните мрежи.
Кинеските „јастреби“ во ЕУ предупредија дека овој нееднаков пристап претставува значителен безбедносен ризик.
Забраната за одредени добавувачи веројатно ќе предизвика политичка битка, бидејќи земјите долго време се спротивставуваа на предавањето на контролата врз одлуките на Huawei на ЕК. Телекомуникациските оператори, исто така, ќе се спротивстават на ограничувањата, тврдејќи дека технологијата на Huawei е поевтина и подобра од западните алтернативи.