Тоа се фактите, недостасуваат човечки и материјални ресурси, она што го констатирала Европската Комисија е и наше видување, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, коментирајќи го Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.
Според Коцевски, за да има успех во борбата против криминалот треба да се создадат и услови.
-Во конкретниот случај во Јавното обвинителство, тоа го истакнувам повеќе пати, работиме со јавнообвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1 126. И минатата 2024 и оваа 2025 и за наредната година од страна на Министерството за финансии не ни се дозволува ниту едно вработување, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Прашан за најавите од власта дека ќе преземе мерки во правосудството по завршувањето на локалните избори, Коцевски рече дека тие повеќе ги цени како политички изјави.
-Во однос на платите, тоа е регулирано согласно закон и нашите плати, споредувајќи ги со платите на регионот се навистина најниски, нагласи Коцевски.