Фетаи се пофали дека почнал со учење на македонскиот јазик и ги коментираше „непријатностите“ меѓу Јаневска и Касами

-Јас можам да кажам дека 35 години живеев надвор и затоа не го знам македонскиот јазик, не сум го учел во училиште, но немам никаков проблем кога ќе го научам да се обратам, вели вицепремиерот Фетаи

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук

На новинарско прашање за вчерашното соопштение на ВЛЕН во кое имаше критика за министерката за образование и наука Весна Јаневска поради настанот што се случи во Тетово и како напредува со изучување на македонскиот јазик, вицепремиерот за добро владеење и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Фетаи вели дека министерката сама се обратила до јавноста во однос на овој настан.

– Таа кажа дека тоа беше моментална реакција и се извини за истиот настан. Јас можам да кажам дека 35 години живеев надвор и затоа не го знам македонскиот јазик, не сум го учел во училиште, но немам никаков проблем кога ќе го научам македонскиот јазик да се обратам на тој јазик. Мене не ми смета ниту еден јазик, течно говорам четири до пет јазици, додал Фетаи, кој потврдил дека почнал со изучување на македонскиот јазик.

ВЛЕН вчера ѝ порача на министерката за образование да не се фрустрира поради нејзиното елементарно непознавање на албанскиот јазик и таквиот нејзин пристап го гледаат со жалење. Ова доаѓа по завчерашниот настан на кој министерката присуствуваше заедно со тетовскиот градоначалник Биљал Касами и од него бараше да говори на македонски за да може да го разбере.

Јаневска вели дека недоразбирањето настанало кога градоначалникот планирал да ги одговори сите прашања, па потоа да каже на македонски за што станува збор. Министерката во изјава истакнала дека „доколку има повеќе време ќе се потрудам да го доусоврши познавањето на албанскиот јазик“.

„Ве молам, градоначалник, накратко само, за да разбереме и ние кои не знаеме добро албански… Извинете, накратко само кажете ни што зборувавте ве молам, ве молам“, рече Јаневска во неделата, обраќајќи му се на Касами кој одговараше новинарски прашања на албански јазик.

„Да завршам на албански и ќе кажам и на македонски“, ѝ возврати тетовскиот градоначалник.