Со најновата ревизија на Геолошкиот институт на САД, бакарот и среброто се официјално признати како критични минерали, што значи дека имаат клучна улога во американската економија и национална безбедност. Листата беше последен пат ажурирана во 2022 година и сега вклучува десет нови минерали.
USGS објави дека ревизијата се темели на економски анализи кои ги проценуваат ризиците од глобални трговски нарушувања. Американската индустрија ја поздрави оваа одлука како поттик за домашното рударство и стабилност во снабдувањето со стратешки суровини.
„Цврсто ја поддржуваме одлуката на Геолошкиот институт да го додаде бакарот на Листата на критични минерални суровини. Во бакарот е клучот за постигнување на главните политички цели на САД, вклучувајќи ја енергетската доминација, лидерството во вештачката интелигенција, националната безбедност и реиндустријализацијата“, оцени Адам Естел, претседател на Американската асоцијација за развој на бакарот.
Листата на критични минерали служи како основа на администрацијата на Трамп за тоа кои стоки би можеле да подлежат на потенцијални даноци и трговски ограничувања, како што беше случај со бакарот претходно оваа година во спорот со Кина. Листата, исто така, е основа за инвестиции во рударството, за залихи на металите, за даночни олеснувања за преработка на минерали во САД, како и за поедноставено издавање на дозволи за нови рудници. Ажурирањето на листата доаѓа само неколку дена откако САД и Кина се согласија да го решат проблемот за трговија за 15 ретки минерали.
„Бакарот стана главен индустриски метал, рангирајќи се на трето место по железото и алуминиумот во однос на потрошените количини. Употребата на бакарот во електриката, вклучувајќи го преносот и производството на енергија, телекомуникациите и електричните и електронските производи, учествува со околу три четвртини од вкупната употреба на бакар“, соопштија од Институтот.
Инаку и Македонија е на пат да креира сопствена Листа на критични минерални суровини, но и Листа на стратешки минерални суровини. Ова е предвидено во новиот нацрт текст на Законот за рударство. Исто како и во САД и македонските власти на секои три години ќе треба да ја разгледуваат листата за можно ажурирање.
„Минералните суровини, вклучително и во необработена форма, во која било фаза на преработка и когаа се јавуваат како нус производ на други процеси на експлоатација, преработка или рециклирање, наведени во Листата, се сметаат за критични суровини. Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на енергетиката, рударството, и минералните суровини донесува Листа на критични минерални суровини. Владата ја разгледува и доколку е потребно, ја ажурира листата на критични минерални суровини на секои три години“, се наведува во членот 45 од предложениот текст на Законот.
Засега е неизвесно кои минерали би се нашле на Листата на критични минерални суровини кај нас и дали и Македонија ќе го вреднува бакарот на начинот на кој тоа го направи американската администрација, но и Европската Унија. Од она што е познато од нацртот на Стратегијата на минерални суровини која ја изготуваше МАНУ е дека земјава треба да го следи примерот на Брисел.
„Пристапот до метали како што се железото, бакарот, среброто и високотехнолошките метали како елементите од групата на ретки земји (REE) е предуслов за производство на модерни технологии вклучувајќи и технологии за животна средина, технологии за производство на електрична енергија од ветер, соларни ќелии, осветлување со ниска потрошувачка на енергија и каталитички конвертори во автомобили“, се истакнува во нацрт Стратегијата на експертите од МАНУ.
Во неа се додава дека Македонија поседува големо количество на бакар. Сепак, кај нас бакарна руда произведува единствено рудникот Бучим, заедно со поновиот капацитет во Боров дол. Од она што е познато од геолошките истражувања кои ги спроведе инвеститорот во Иловица е дека на локацијата се проценети 700 илјади тони бакар. Освен оваа, во моментов нема нови инвестиции за експлоатација и производство на бакар, а претходно неостварени останаа вложувањата во ископи на бакар во Казандол и Кожуф.