„Марш на ангелите“ во Скопје в сабота организираат семејствата на жртвите во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, а во пресрет на почетокот на судењето закажано за 19 ноември.
– Го упатуваме овој повик до сите граѓани, родители, млади, пријатели и поддржувачи – да ни се придружат во тивок и достоинствен марш, во чест на 63-те ангели и сите повредени кои засекогаш го променија нашето општество. Да бидеме заедно, рамо до рамо: за да не се заборави, за да не се повтори, за да има вистинска правда, се вели во повикот за настанот кој го организира „Здружението на граѓани 16-ти март 2025“.
Ова ќе биде 30. „Марш на ангелите“ на родителите и блиските на жртвите во „Пулс“. Собирите ги организираат секоја сабота во Кочани, а еднаш организираа марш и во Скопје.
Во среда, на 19 ноември, треба да започне судскиот процес за несреќата во „Пулс“. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители со јасно утврден план за координација, со цел постапката да се одвива без одложувања.
Обвинението опфаќа 34 физички и три правни лица обвинети за тешки дела против општата сигурност.
„Истрагата за полициските службеници, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе и јавнообвинителска одлука“, изјави Коцевски, прашан до каде се другите истраги и предистраги за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.