Притвореници земале плата од градските претпријатија, а не оделе на работа – откри Ѓорѓиевски

Ѓорѓиевски одби да ја коментира поканата на неговата претходничка, Данела Арсовска за ТВ дуел и повикот да ги објави списоците со луѓето кои биле избркани од работа откако ја презеде функцијата

од Nikola Popovski
66 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски одби да ја коментира поканата на неговата претходничка, Данела Арсовска за ТВ дуел и повикот да ги објави списоците со луѓето кои биле избркани од работа откако ја преземал функцијата.

„Што се однесува на бивши политичари коишто имале шанса дадена од граѓаните, но го потрошиле за апсолутно ништо мандатот. Немам што да коментирам, ете, тие треба со други институции да комуницираат, не со мене. Мислам дека моето, ете, погрешно да не бидам разбран, туку мојот фокус во наредниов период е средување на состојбите поврзани со хаосот и нередот што го стаи во градот Скопје“ – рече Ѓорѓиевски.

Во однос на отпуштањата на 500-те вработени од јавните градски претпријатија кои не оделе на работа, а земале плата, новиот градоначалник посочил дека имало лица кои дури се наоѓале во куќен притвор или се затвореници.

„Тоа се лица кои со месеци, а некои и со години земале плата, а не оделе на работа. Има таму и лица кои се наоѓаат во куќен притвор или се затвореници, а земале плата од Град Скопје“, објасни Ѓорѓиевски.

Арсовска му упати јавна порака на актуелниот градоначалник, обвинувајќи го за, како што вели, „лажни тврдења“ за долговите на Градот и бројот на вработени.

„Кога се лаже, се држат рачињата во формација извежбана од медот“, напиша Арсовска во својата објава, додавајќи дека градоначалникот треба јавно да ги објави сите фирми со долг, заедно со фактурите и датумите, „за да знае народ дека лажеш“.

Поранешната градоначалничка го повика Ѓорѓиевски на јавна телевизиска дебата:

„Ако сакаш како МАЖ да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“.