Кохезијата и заедничката земјоделска политика остануваат во срцето на новиот буџет на ЕУ, увери претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа учествуваше во дебатата во пленарната сала во Брисел за повеќегодишната финансиска рамка за 2028-2034 година.
Буџетот ги задржува главните приоритети, иако структурата се менува, категорична беше фон дер Лајен. Таа одговори на критиките дека новиот мултифункционален финансиско-програмски план им дава повеќе простор на националните влади да утврдат што е добро за регионите:
„Да бидам многу јасна – кохезијата и земјоделството остануваат во срцето на овој буџет. Ресурсите за двете се зачувани – најмалку 218 милијарди евра за помалку развиените региони, најмалку 294 милијарди евра за поддршка на приходите на земјоделците, за рибарите – најмалку 2 милијарди евра. Три пати повеќе средства за екстремни временски услови и други исклучителни околности“.
Комисијата предлага воведување национални и регионални планови за партнерство кои би здружиле финансирање низ различни програми – од кохезија и земјоделство до социјална и миграциска политика, рече фон дер Лајен.
Други нови елементи вклучуваат таканаречена регионална проверка, која гарантира дека локалните специфичности се во срцето на планирањето. За прв пат во историјата на европскиот буџет, се воведува и задолжителна „Рурална цел“ – гаранција дека земјите-членки ќе инвестираат и во развојот на руралните средини.
Според новиот предлог, приходите на земјоделците сега ќе бидат индексирани според инфлацијата.
Вториот столб на буџетот е Фонд за конкурентност, директно поврзан со програмата Хоризонт Европа, за која се планира да се удвојат средствата.
Третиот столб е „Глобална Европа“ со зголемување од 75 проценти на средствата насочени кон глобални партнерства, енергетска безбедност и поддршка за Украина, Молдавија и Западен Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ.
Сепак, повеќето европратеници, вклучувајќи ги и сојузниците на фон дер Лајен, остануваат критични кон новиот предлог за буџет.